Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека огромната помош на државата за компаниите погодени од корона-кризата не може да продолжи до недоглед во сегашниот обем.
– Сојузната Влада, покраините и советите мора да работат заедно, добро и конструктивно, за да ја надминеме пандемијата и нејзините последици на најдобар можен начин – рече Меркел во неделното видеообраќање.
Бундестагот во вторник треба да расправа за буџетот за следната година, а се очекува повеќе од една третина од буџетот да се финансира со задолжување.
Коалициската влада планира следната година да позајми дополнителни 180 милијарди евра.
– Ако голем број компании пропаднат и милиони работни места бидат изгубени, тоа ќе нè чини уште повеќе, и финансиски и социјално – предупреди Меркел.
Таа додаде дека во 2021 година државата може повторно да потроши големи суми пари, благодарение на заштедите од претходните години.