Меркел: Во јазикот немаме зборови со кои може да се опише ова уништување
Германската канцеларка Ангела Меркел за време на посетата на поплавените германски региони изјави дека ситуацијата е надреална и застрашувачка, додавајќи дека Владата итно ќе ги разгледа климатските проблеми.
– Германија е силна земја и ние ќе се спротивставиме на силите на природата на краток рок, но исто така и на среден и на долг рок со обликување на политика што ќе ги земе предвид природата и климата, повеќе отколку што тоа го правевме во последните години – рече германската канцеларка по пристигнувањето во местото Шулд во регионот Арвејлер.
Таа посочи дека властите брзо ќе обезбедат финансиска помош за погодените од катастрофалните поплави.
– Шокантно е. Можам да кажам дека во германскиот јазик скоро и да немаме зборови за уништувањето што се случи – ја цитираат германските медиуми изјавата на канцеларката.
Меркел и премиерката на Рајнска област-Пфалц, Малу Драјер, ветија тесна координација меѓу германската сојузна и покраинските влади.
– Затоа што не можеме да го направиме ова сами. Одлично е што германската канцеларка е денес тука – рече Драјер.
Подготвеноста на локалното население да помогне е многу голема, додаде таа.
Најмалку 156 лица загинаа во Германија од вторникот по катастрофалните поплави што ги погодија западните покраини Северна Рајна-Вестфалија и Рајнска област-Пфалц.
Според Меркел, владата ќе се состане на 21 јули за да состави пакет мерки за помош за областите погодени од поплавата.