Вашингтон – Демократите во Ајова сè уште не ги пребројале сите гласови, но врз основа на податоците од 71 отсто од гласачките места, во трката за претседателски кандидат води Пит Бутиџиџ. Тој има незначително повеќе гласови од Берни Сандерс, Елизабет Ворен и поранешниот потпретседател Џо Бајден. Бутиџиџ досега има освоено 26,8 отсто, Сандерс 25,2 проценти, Елизабет Ворен 18,4 проценти, а Џо Бајден 15,4 отсто. Засега не се знае кога ќе бидат објавени конечните резултати. Пребројувањето на гласовите доцни поради технички проблеми.
Москва – Руската православна црква издаде нови упатства, со кои, меѓу другото, се бара од свештенството да се воздржи од благослов на нуклеарно и друго оружје за масовно уништување. Руските свештеници досега често можеа да се видат на фотографии од подморници, балистички ракети, вселенски ракети на „Сојуз“ и друга воена опрема додека ги прскаат со света водичка и ги благословуваат. Благословот или осветувањето на оружјето што може да убие „неограничен број луѓе“ мора да биде исклучено од пастирската практика, се наведува во новите упатства.
Хелсинки – Финската влада, предводена од најмладата премиерка во светот, 34-годишната Сана Марин, планира измени на законите што би ја удвоиле должината на платеното породилно отсуство за новите татковци. Овие одредби би овозможиле и татковците и мајките да имаат еднакво право на платено породилно отсуство. Новата влада од левиот центар, составена од коалиција од пет парламентарни партии на чие чело се жени, планира двојно да го зголеми платеното породилно отсуство за татковците за нивното прво дете. Со тоа отсуството ќе се зголеми на седум месеци, колку што е предвидено и за мајките.
Лондон – Британското МНР објави нови упатства за јазикот што вработените го користат кога зборуваат за излезот на Британија од Европската Унија, а меѓу забранетите зборови е и самиот термин брегзит. Покрај брегзит, на вработените не им е дозволено да користат одредени зборови и фрази, меѓу другото и „период за имплементација“, „посебно партнерство“ и „договор/без договор“. Покрај тоа, не е дозволено да се користи зборот „партнерство“ кога се зборува за односите со ЕУ во иднината.