Њу Делхи – Индискиот премиер Нарендра Моди предупреди дека Индија веќе е во состојба да го уништи Пакистан за помалку од 10 дена во секоја нова војна со својот сосед и соперник. Двете соседни земји што поседуваат нуклеарно оружје досега имаа три војни и во минатиот февруари се приближија до четвртиот меѓусебен конфликт по воздушните напади, предизвикани од нападите врз индиската војска во Кашмир. Изминатиот период Моди се наоѓа под притисок поради протестите за новиот закон за државјанство, забавувањето на економијата и шансите да претрпи пораз на изборите во Њу Делхи во текот на следниот месец.
Берлин – Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, порача дека Британија ќе мора да направи компромис за некои важни работи како што се правата на потрошувачите и заштитата на животната средина, доколку сака да го задржи целосниот пристап до единствениот пазар на ЕУ. Мас додаде дека затоа Лондон и Брисел ќе мораат да водат преговори за своите идни економски односи по брегзит, на начин што нема да ѝ штети на Унијата. Тој, сепак, истакна дека вратата на ЕУ ќе остане отворена за Британија доколку некогаш одлучи да се врати.
Милано – Група разбојници поставиле ноќна заседа на автопат во близината на Милано, наменета за блиндирано комбе, кое носело неколку милиони евра, но возачот успеал да ја пробие блокадата од два камиона, запалени автомобили и шајки расфрлани на патот. Нападот се случил на автопатот А1, кој ги поврзува Милано и Неапол, доцна во вторникот. Комбето удрило во двата камиона поставени од страна на разбојниците за да го блокираат патот, но возачот успеал да се пробие и запрел на блиска бензинска пумпа каде што стоело полициско патролно возило.
Анкара – Турскиот претседател Таип Ердоган ја обвини Русија дека ги крши договорите, чија цел е запирање на конфликтот во Сирија. Турција и Русија, кои поддржуваат спротивставени страни во Сирија, се согласија да работат на смирување на ситуацијата во Идлиб и на создавање демилитаризирана зона во согласност со договорите од Астана и Сочи од 2017 и 2018 година.