Хавана – Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел го именува првиот премиер на државата по повеќе од 40 години, Мануел Мареро Круз. Мареро, архитект по професија, беше министер за туризам од 2004 година. Претходниот премиер беше лидер на кубанската револуција, Фидел Кастро, од 1959 до 1976 година, кога таа функција беше укината за да стане претседател и лидер на Комунистичката партија. Фидел Кастро почина во 2016 година, десет години откако му ја предаде власта на својот брат Раул.
Берлин – Најновите прогнози покажуваат дека светот до 2023 година ќе има осум милијарди жители. Германската фондација за светско население проценува дека околу 7,75 милијарди луѓе ќе живеат на Земјата до крајот на годината. Според фондацијата, светското население расте во просек за 2,6 лица секоја секунда. Истовремено, ОН проценуваат дека населението во Африка речиси двојно ќе се зголеми од сегашните 1,3 милијарда луѓе на 2,5 милијарди до 2050 година.
Мадрид – Силното невреме, проследено со поплави, што ги погоди Шпанија и Португалија изминатите денови однесе најмалку осум животи. Шпанската цивилна одбрана соопшти дека ветрот дувал со брзина од 140 километри на час, а брановите на северозападниот брег на Атлантикот биле високи девет метри. Според португалската цивилна заштита, силниот ветер и обилните врнежи од дожд уривале дрвја и предизвикале поплави од кои е оштетена инфраструктурата.
Вашингтон – Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео ги обвини Русија и Кина дека „имаат крв на рацете“, поради ветото што го ставија на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која за една година би се продолжила прекуграничната испорака на хуманитарна помош во Сирија. Помпео изјави дека нема замена за испораките, од кои вели дека се хранеле милиони Сиријци. Кина и Русија на 20 декември ги искористија своите права на вето за блокирање на резолуцијата, која беше поддржана од другите 13 члена на Советот.