Велика Британија – Десетици демонстранти што се противат на рестрикциите воведени поради коронавирусот и вакцинацијата упаднаа во зграда во Лондон, каде што се наоѓаат неколку британски телевизии, пренесува Н1.
Додека стотици демонстранти против вакцините маршираа низ улиците во градот, некои од нив го пробија обезбедувањето кај седиштето на телевизијата ИТН, каде што се прават вестите за телевизиите ИТВ, Канал 4 и Канал 5.
Г7 – Лидерите на Групата седум најразвиени земји во светот на вчерашниот виртуелен состанок разговараа за потенцијално продолжување на рокот за евакуација на повеќе илјади луѓе од Авганистан, кој истекува на 31 август, како и за тоа дали да ја признаат талибанската влада или да воведат санкции.
Лидерите на САД, Велика Британија, Италија, Франција, Германија, Канада и Јапонија би можеле да донесат одлука за заедничко официјално признавање или обновување на санкциите за да ги натераат талибанците да ги исполнат ветувањата за почитување на правата на жените и на меѓународните односи. За продолжување на рокот за евакуација ќе мора да се добие одобрување од талибанците.
Украина – Украински авион што пристигна во Авганистан за да ги евакуира Украинците е киднапиран од неидентификувани лица, кои го пренасочиле кон Иран. Веста ја потврди заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Евхен Јенин.
– Во вторникот, нашиот авион беше практично украден за да лета за Иран со неидентификувана група патници на летот, наместо да превезува Украинци. Нашите следни три обиди за евакуација исто така беа неуспешни, бидејќи нашите луѓе не можеа да влезат на аеродромот – рекол Јенин, пренесе руската агенција Тасс.
Авганистан – Британскиот министер за одбрана Бен Волис во разговор за Би-би-си призна дека нема да успеат да ги извлечат од аеродромот во Кабул сите што би сакале.
– Во последните 24 часа извлековме 2.000 луѓе, односно 10.000 од април. Фокусирани сме на тоа да извлечеме што повеќе луѓе. Сакаме да останеме и по 31 август ако е можно тоа. Но оние што одлучуваат за тоа се САД и талибанците – кажа Волис.
Полска – Група мигранти од Авганистан веќе две недели се заглавени на источната граница на ЕУ. Полска и Белорусија отфрлаат секаква одговорност за луѓето. Групата мигранти прво имала околу 50 лица. Во меѓувреме, според наводи на полските граничари, жените со мали деца и дел од мажите се вратени од страна на белоруските граничари назад во Белорусија.