Пјонгјанг – Насмеаниот севернокорејски лидер Ким Јонг-ун е снимен како претседава на седницата на Централниот комитет на владејачката Работничка партија. На фотографиите објавени од Северна Кореја, Ким може да се види како седи на голема тркалезна маса во бел костум, а покрај него седат неговите помошници. Ниту еден од присутните на состанокот не носи маска, а коронавирусот не е споменат во извештаите на државните медиуми за седницата.
Велингтон – Нов Зеланд го елиминира преносот на коронавирус на домашен терен и земјата ќе ги укине сите мерки, освен ограничувањата на границите, рече премиерката Џасинда Ардерн, со што земјата е една од првите во светот што го сторија тоа. Владата ги укина мерките за физичко дистанцирање, јавните и приватните настани ќе може повторно да се одржуваат, а продавниците, угостителството и целиот јавен превоз ќе може да работат без мерките за физичко дистанцирање, кои сè уште се во сила во повеќето земји.
Варшава – Полска ќе затвори 12 рудници за јаглен за да спречи ширење на коронавирусот кај рударите, објави полскиот вицепремиер Јацек Сасин. Властите во Полска го потврдија наглото зголемување на бројот на случаи на коронавирус кај рударите што работат во рудници во јужниот дел на земјата. Меѓу рударите во рудниците за јаглен се потврдени речиси 20 отсто од вкупниот број случаи на зараза во Полска.
Каракас – Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, смета дека Русија, Кина, Иран и Куба се вистински пријатели на земјата, затоа што му даваат помош на Каракас. Тој рече дека хуманитарната помош доаѓа од Кина, Русија, Иран и од Куба, додека САД ветиле помош во висина од 20 милиони долари, но не дале ништо. Кризата во Венецуела почна во јануари 2019 година, кога лидерот на опозицијата Хуан Гваидо се прогласи за вистински претседател на државата на протестот во Каракас и кога го признаа неколку земји, на чело со САД. Тој потег Мадуро го прогласи за обид за државен удар, поттикнат од Вашингтон, поради што тој ги прекина дипломатските врски со САД.
Подготвил: Игор Даниловиќ