Лондон – Миењето раце најмалку шест до десет пати дневно значително ги намалува шансите за заразување со коронавирусот, покажуваат резултатите од истражување во Британија. Во него се анализирани податоци од 2006 до 2009 година за вируси слични на новиот коронавирус што предизвикува ковид-19 и е заклучено дека ризикот се намалува ако рацете се мијат до десет пати дневно. Интересно е што ризикот не се намалува дополнително ако луѓето ги мијат рацете повеќе од десет пати на ден. Коронавирусите се група вируси, кои обично предизвикуваат лесни заболувања како настинка, но меѓу нив има и смртоносни вируси. Сите овие вируси може да се убијат со сапун и вода.
Вашингтон – Водечки американски научник вели оти луѓето не треба да сметаат оти во скоро време ќе биде развиена вакцина против ковид-19. Вилијам Хаселтин смета дека најдобриот пристап кон пандемијата е таа да се ограничи со внимателно откривање на инфекциите и со воведување строги мерки за изолација секогаш кога ќе почнат да се шират. Тој ги повика луѓето да носат маски, да ги мијат рацете, да ги чистат површините и да држат растојание. Хаселтин вели: „Не слушајте ги политичарите, кои велат дека ќе имаме вакцина до нивниот реизбор. Можеби и ќе се случи тоа, но нема гаранции зашто луѓето и досега се обидоа да создадат вакцина против САРС или МЕРС, но таа не штитеше.“ Тој смета дека со здравствената криза најдобро се справиле Кина, Јужна Кореја и Тајван, а најлошо САД, Русија и Бразил, кои се и први по бројот на инфекции. Вкупниот број на инфекции на глобално ниво надмина пет милиони.
Сиднеј – Најмалку десет лица се повредени откако автомобил влета во продавница за хиџаби во западниот дел на Сиднеј. Полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека повредените во бутикот се главно жени, на возраст од 18 до 30 години. Едно лице е сериозно повредено, но е надвор од животна опасност.
На снимките објавени на социјални мрежи се гледа како возило „мицубиши“ со голема брзина поминува преку раскрсница и се забива во продавницата. Полицијата вели оти нема индикации дека станува збор за терористички напад, додавајќи дека возачот имал повеќе сообраќајни прекршоци во минатото.