Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека зема лекови против маларија за да ги ублажи симптомите во случај да е заразен со коронавирусот, иако нивниот ефект против инфекцијата не е докажан, јави Си-ен-ен. Наспроти советите на многумина здравствени експерти, Трамп со недели промовира хидроксихлорохин како потенцијален лек против ковид-19. Инаку хидроксихлорохинот може да има сериозни несакани ефекти кај некои пациенти, а досега нема докази дека помага против новиот коронавирусот.
Њу Делхи – Министерството за здравство во Индија потврди дека во земјата има над 100.000 заразени со опасниот коронавирус. Како што јави АФП, довикувајќи се на надлежното министерство, со ова вкупниот број на заразени е 101.139, а досега од опасниот вирус во земјата починале 3.163 луѓе.
Вашингтон – Претседателот на САД Доналд Трамп се закани дека трајно ќе ја запре американската финансиска поддршка за Светската здравствена организација доколку таа не се подобри во наредните 30 дена. Трамп во писмото до генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, од 18 мај, исто така наведува дека Соединетите Американски држави ќе го преиспитаат своето членство во ова тело на ОН, пренесе „Ројтерс“.
Пекинг – Најмалку четири лица загинаа, а 24 се повредени при земјотрес со интензитет од пет степени според Рихтеровата скала, што завчера го погоди градот Заотонг во југозападната кинеска провинција Јунан. Како што јавува АФП, епицентарот на земјотресот бил во областа Чаодји, на длабочина од осум километри. Во спасувачката операција учествуваа кинеските војници, пожарникари и спасувачките служби на Заотонг, каде што живеат 5,5 милиони луѓе.