Ротердам – Најмалку 150.000 морнари во моментот се заробени на своите товарни бродови, додека експертите предупредуваат дека овие пловила претставуваат темпирана корона-бомба. Товарните бродови се заслужни за 90 отсто од светската трговија на стоки, а во нормални услови вкупно 1,2 милион морнари работат во тешки услови и ги опслужуваат овие пловила.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп прекина прес-конференција откако на новинарка со кинеско потекло ѝ порача да ја праша Кина во однос на проблемите со коронавирусот. Веиџија Џијанг, новинарка на Си-би-ес њуз од Белата куќа, го праша Трамп зошто актуелната криза ја гледа како меѓународен натпревар, кога во САД починаа над 80.000 лица заразени со коронавирус. Трамп одговори: „Можеби тоа е прашање што би требало да ѝ го поставите на Кина“. По расправијата, тој ја прекина прес-конференцијата.
Вашингтон – Американските фоторепортери направија низа фотографии од демонстрантите што вооружени до заби протестираат против карантинските мерки, кои беа воведени во земјата како одговор на ширењето на пандемијата на коронавирусот. Една од фотографиите е од Американец, вооружен со рачен ракетен фрлач и со пиштоли, како купува сендвич во Северна Каролина додека паузира од протестите против карантинските мерки.
Санкт Петербург – Најмалку пет пациенти на интензивна нега настрадале, а 150 други биле евакуирани, при пожар во болница во Санкт Петербург, кој најверојатно бил предизвикан од краток спој на еден од респираторите. Во болницата биле примани пациенти со ковид-19.
Вашингтон – Американското ФБИ и експерти за компјутерска безбедност сметаат дека кинески хакери се обидуваат да украдат истражување за развој на вакцина против коронавирус, објавија повеќе американски медиуми.
Париз – Париското обвинителство поведе истрага против бившиот француски претседател Жискар Дестен (94) поради обвинувања дека сексуално малтретирал германска новинарка, која го интервјуирала во 2018 година. Адвокатот на бившиот претседател рекол оти неговиот клиент „не се сеќава“ на инцидентот.