Москва – Русија ги престигна Британија и Италија според бројот на лица заболени од ковид-19 и сега е на трето место во светот, зад САД и Шпанија. Податоците покажуваат дека во Русија се потврдени над 221.000 случаи на лица заразени со новиот коронавирус, додека во Британија и во Италија се регистрирани над 219.000 случаи, јави Тасс. Најмногу заболени има во Москва, каде што се потврдени над 115.000 случаи.

Виена – Претседателот на австриското здружение за судска медицина, Валтер Рабл, предупреди дека многу убиства во Австрија остануваат неоткриени поради сѐ помалиот број на обдукции. Тој посочува дека во изминатите години значително е намален бројот на обдукции, па, така, во 1984 година се направени над 30.000 обдукции, додека во 2018 година само околу 8.500 обдукции. Според него, може само да се нагаѓа колкав е бројот на убиства што остануваат нерешени.

Каракас – Армијата на Венецуела соопшти дека уапсила уште осум платеници што влегле на територијата на земјата, додека медиумите посочија дека досега се уапсени вкупно 45 лица за упад на територијата на Венецуела. Тамошните власти на 3 мај објавиле дека успешно спречиле обид за влез на платеници од Колумбија, кои планирале државен удар и соборување на претседателот Николас Мадуро. Меѓу уапсените се и двајца Американци, а едниот од нив на телевизија ја опиша целата операција и обидот да се собори и префрли Мадуро во САД. Вашингтон негираше секаква вмешаност со операцијата.

Вашингтон – Белата куќа ги демантира информациите дека потпретседателот на САД, Мајк Пенс, е ставен во карантин по веста дека неговата портпаролка Кејти Милер е тестирана позитивна на ковид-19. Од Белата куќа велат дека Пенс има негативни тестови на коронавирусот. Тој и претседателот Доналд Трамп секојдневно се тестираат за ковид-19. Три члена од тимот на Белата куќа за справување со коронавирусот изминатиот викенд мораа да одат во самоизолација поради можна изложеност на вирусот.

Валета – Амбасадорот на Малта во Финска, Мајкл Замит Табона, поднесе оставка откако на Фејсбук ја спореди германската канцеларка Ангела Меркел со нацистичкиот лидер Адолф Хитлер. Тој наводно напишал дека пред 75 години е запрен Хитлер, а потоа прашал: „Кој ќе ја запре денес Меркел? Таа го исполни сонот на Хитлер! Да ја контролира Европа“.