Европската одбрана не е алтернатива на НАТО, туку столб во тој сојуз, порача францускиот претседател Емануел Макрон по завршувањето на самитот на НАТО во Ватфорд, во непосредна близина на Лондон.
Тој во настапот додаде дека сака јасен одговор од африканските лидери за тоа дали сѐ уште го сакаат присуството на француската војска во Сахел, област меѓу Сахара и Судан.
Самитот на НАТО заврши денеска, а првите луѓе на Алијансата во заедничката изјава ја потврдија трајната трансатлантска врска меѓу Европа и Северна Америка, и договорот за взаемна одбрана во кој нападот врз една членка ќе се смета за напад врз сите.
На самитот беше заклучено и дека руските акции претставуваат закана за евроатлантската безбедност, како и дека сѐ поголемото влијание на Кина претставува предизвик за Алијансата.