Автор: Славомир Шираковски
Проџект синдикејт
Извор: Республика
По двонеделните протести што се одвиваа низ целата држава како реакција на некредибилните избори од 9 август, во Белорусија продолжува состојбата на политички пресврти и неизвесност. Но едно е јасно: додека опозицијата континуирано се засилува, претседателот Александар Лукашенко сè повеќе го губи допирот со реалноста
По неколкунеделните протести што се одвиваа низ целата држава како реакција на некредибилните избори од 9 август, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, се чини, сфатил дека трајно ја изгубил поддршката од народот. Неговиот последен обид е да го радикализира своето најверно гласачко тело и да се обиде да ги потчини останатите преку застрашување.
Откако работници во фабрика во Минск јавно го исвиркаа минатата недела, Лукашенко очајно се обидува да го поврати својот авторитет. Режимот организираше митинзи преку кои лажно се претставува масовна поддршка, без јавно да се покаже кои се организаторите и која е главната порака, со послушници довезени со автобуси на кои им биле дадени однапред подготвени транспаренти, со цел да се создаде впечаток дека основните редови самите се мобилизирале.
Присуствував на еден ваков митинг во Гродно, град кој речиси целосно се ослободи од владеењето на Лукашенко. Државните медиуми им се придружија на демонстрантите, затворите се испразнија, а властите почнаа да попуштаат пред опозицијата. Како реакција на тоа, Лукашенко најави дека ќе примени воена сила за повторно да воспостави послушност во градот.
На 22 август, режимот организираше митинг во градот. На митингот се обратија внимателно одбрани говорници, вклучувајќи работник кој зборуваше против штрајкување, граничар кој апелираше за обновување на поредокот, претставничка на Сојузот на жени од Белорусија која изрази негативен став кон протестите предводени од жени, и дете кое рецитираше стихотворба. По нивните говори, Лукашенко и неговата придружба, како во сцена од холивудски филм, излегоа од црни лимузини и се упатија кон сцената.
Неспорно е дека Лукашенко е добар оратор, особено кога им се обраќа на своите поддржувачи. Тој ги потсети присутните дека неговиот пат кон власта започна во Гродно во 90-тите години од 20 век, време кога земјата беше во хаос. Се осврна и на Големата патриотска војна, позната и како Втора светска војна, сакајќи да направи споредба на демократската опозиција со фашизмот. Потоа го поздрави новиот гувернер (поранешниот министер за здравство), чиј претходник го отстрани кратко пред тоа. Се изјасни дека работниците кои штрајкуваат треба да бидат третирани на ист начин.
Според Лукашенко, Министерството за внатрешни работи и Комитетот за државна безбедност (КГБ) имаат задача да стават крај на демонстрациите. „Од понеделник“, вети тој, „надлежните ќе ја имаат власта!“ Тој се заблагодари на полициската единица за спречување немири (ОМОН) за нивната посветеност и пожртвуваност, доби голем аплауз, и потоа замина.
Контра-протестот во Гродно беше мал, и не се одвиваше веднаш до митингот на Лукашенко, туку во близина на местото каде беа држени во притвор работниците кои штрајкуваа и демонстрантите. Намалениот одзив укажува на тоа дека заканите на режимот биле успешни, барем во Гродно. Сепак, белоруските жени и натаму одбиваат да се предадат. Илјадници од нив се собраа во Минск изминатиов викенд, каде што демонстрираа пред седиштето на КГБ.
Во споредба со претходните демонстрации, ова предизвика малку поинаква реакција од надлежните. Од звучници ечеа предупредувања и повици за разидување, но се мешаа со избор на песни од времето на Советскиот Сојуз, врз кои се слушаа извици на демонстрантите. Изборот на музика беше ироничен, со оглед на тоа што и самите демонстранти започнаа да го веат зелено-црвеното знаме на советска Белорусија заедно со бело-црвено-белото знаме на опозицијата. Пораката беше: „Не сакаме конфликт, подаваме раце кон вас“.
Јури Карајев, министерот за внатрешни работи, претходно предупреди дека војската ќе биде распоредена и ќе презема дејства против можните идни демонстрации. Владееше непријатно чувство на исчекување, луѓето чекаа да видат што ќе се случи. Не изненадува фактот што повторно беше исклучен интернетот. Но, сите веќе научија дека е посигурно да користат текстуални пораки. На тој начин продолжија да растат демонстрациите, и најмалку 200 000 луѓе се собраа околу обелискот што го чествува Минск како „Херојски град“, две недели по фалсификуваните избори.
Оттогаш, обелискот е опкружен со војници (и бодликава жица). Но, одблизу може да се види дека повеќето се млади регрути кои изгледаат поисплашено од демонстрантите. Свиреа автомобили низ целиот град во знак на солидарност со демонстрантите; лекарите го покажуваа знакот за мир „В“ од возилата за брза помош; пост-советски протестни песни како „Khochu Peremen“ (Сакам промени) од Кино и „Mury“ (Ѕидови) на Јацек Кацмарски се слушаа во позадина. Чувството на обединетост и ентузијазам беше еднакво со тоа од пред една недела, кога изгледите за Лукашенко беа безнадежни, а земјата му лизгаше од раце.
И повторно, заканите на Лукашенко не му помогнаа. Редицата демонстранти одлучи да се упати кон кич резиденцијата на диктаторот, Палатата на независност, пред која стоеја кордони на ОМОН, ги беа смогнале сите расположиви сили. Се чинеше дека ситуацијата може лесно да заврши со полициско насилство, слично со настанот од метро станицата во Пушкинскаја веднаш по изборите. Но откако се приближија до вооружената полициска единица за спречување немири и ги погледнаа во очи, демонстрантите тивко продолжија по патот, прикажувајќи ја „моќта на немоќните“, како што Вацлав Хавел тоа одамна го опиша.
Додека демонстрантите се повлекуваа, над нив се појави хеликоптер. Го превезуваше Лукашенко, кој носеше панцир и калашников. Јасно е дека Лукашенко очајно се обидува да покаже дека држи сè под контрола, но овие воени знаци даваат спротивен ефект. Тоа што исто така го вооружил својот син, кој е тинејџер, укажува на тоа дека не верува на никој околу себе и се плаши дека ќе го снајде истата судбина како други присилно отстранети лидери, како Николае Чаушеску во Романија, Моамер Гадафи во Либија или Садам Хусеин во Ирак.
Откако демонстрантите доброволно се оддалечиле од местото, Лукашенко отишол до влезната врата и ги прашал присутните млади полицајци дали протестот завршил. Тоа потсетува на почетокот на 1945 година, кога водачот на Третиот рајх се обидел да се однесува како сè да е во ред дури и кога горел Берлин. Се разбира, Лукашенко не е Хитлер, а неговите вооружени сили не се уништени од надворешни сили. Сепак, сликата на диктатор кој ги изгубил моќта и допирот со реалноста е впечатлива.
Всушност, многумина можеби и не се свесни колку блиску е Белорусија до тоа да го собори својот диктатор. Демонстрацијата на сила на Лукашенко сега прикажува слабост. И колку посмешен изгледа, толку потешко станува дури и за неговите верни приврзаници да го следат.
Славомир Шираковски, основач на движењето „Krytyka Polityczna“ („Политичка критика“), е директор на Институтот за напредни студии во Варшава и виш соработник во германскиот совет за надворешни односи