Повеќе од 60 лекари испратија отворено писмо во кое предупредуваат дека здравствената состојба на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, е многу лошо и тој може да почине во затвор. Во писмото испратено до британското министерство за внатрешни работи лекарите бараат Асанж да биде итно пренесен во болница од затворот во југоисточен Лондон, засновајќи ги своите тврдења врз исказите на сведоците што присуствувале на неговото појавување пред судот на 21 октомври, како и врз сведочењето на известувачот на ОН за тортурата, Нилс Мелцер, кој го видел на 1 ноември, пишува британски „Гардијан“.
– Ова отворено писмо го пишуваме како лекари за да изразиме сериозна загриженост за физичкото и менталното здравје на Џулијан Асанж – се наведува во писмото на лекарите напишано на 16 страници.
Тие истакнуваат дека се загрижени како Асанж ќе го заврши сослушувањето, кое почнува во февруари, и наведуваат дека му е потребна итна медицинска помош.
– Нема време за трошење – се предупредува во писмото потпишано од лекари од САД, Австралија, Британија, Шведска, Италија, Германија, Шри Ланка и Полска.