Лавата што еруптира од вулканот на шпанскиот остров Ла Палма стигна до Атлантскиот Океан и се стравува дека тоа ќе доведе до ослободување отровни гасови и експлозии.

Големи облаци од бела пареа се издигнаа над областа Плаја Нуева а лавата дојде до океанот.

Според експертите ова може да доведе до хемиска реакција, која вклучува хлор, кој може да предизвика иритација на кожата и очите и да влијае на дишењето.

Засега нема информации за повредени.

Официјални лица предупредуваат дека лавата во океанот може да предизвика експлозии и да испушти отровни гасови.

Службата за вонредни состојби на Канарските Острови апелираше до граѓаните итно да најдат безбедно место што може да послужи како засолниште.

Некои, исто така, стравуваат дека брегот може да се сруши, што може да предизвика експлозии.

Стотици куќи се уништени од ерупцијата на вулканот Камбре Виеја на 19 септември.

Околу 6.000 луѓе беа евакуирани, а домови, училишта и некои плантажи со банани беа уништени од лавата.

Вчера, шпанската влада го прогласи островот Ла Палма, кој беше погоден од вулканска ерупција, како зона на катастрофа, што е потег што ќе предизвика итни субвенции и други мерки за поддршка.