Една од главните соработнички и министерка во владата на канадскиот премиер Џастин Трудо, Џејн Филпот даде отставка од морални причини поради недоверба во работата на владата и пристапот кон судењето за корупција на компанијата „СНЦ-Лавалин“, пренесува Би-би-си.
– Морам да се придржам на моите основни вредности, етичка одговорност и обврските спрема Уставот на Канада – рече сега поранешната министерка за финансии во владата на Трудо.
Причината за отставката е судењето на инженерската компанија „СНЦ-Лавалин“, за кое премиерот на Канада, Џастин Трудо негираше дека има политичко вмешување во истрагата.
Лидерот на опозицијата во Канада, пак, минатата недела побара оставка и од премиерот поради овој случај.
Филпот денес ја обелодени својата одлука за оставката и на социјалните мрежи го објави писмото во кое објасува дека таа сериозно е загрижена поради доказите дека постои притисок од страна на политичари и официјални лица врз поранешниот јавен обвинител да интервенира во случајот во кој е вклучена компанијата „СНЦ-Лавалин“.
– Може да има цена за да се постапува принципелно, но најголема цена се плаќа ако се напуштат принципите – стои во писмото објавено од страна на Филипот.
Министерката за финансии се сметаше за многу блиска соработнички на Трудо и таа извршуваше повеќе различни функции во неговата Влада од неговата победа на изборите во 2015 година, констатираат од Би-би-си.
Ова е трета оставка на висок претставник во владата на Џастин Трудо поради случајот со компанијата „СНЦ-Лавалин“. Претходно, во февруари оставка поднесе и министерката за правда Џоди Вилсон-Рејболд, а оставка поднесе и првиот помошник на Трудо, Џералд Батс.
Компанијата „СНЦ-Лавалин“ и две од нејзините подружници се соочуваат со обвиненија за корупција и мито, поради тоа што се смета дека во периодот од 2001 до 2011 подмитувале официјални либиски претставници и тоа во вредност од 48 милиони канадски долари.