Граѓаните на земјите-членки во ЕУ од неодамна живеат по балкански рецепт, при што во потрага по поевтино гориво пред сѐ, но и по некои поевтини прехранбени продукти, тие патуваат во други земји во т.н. бензин-туризам
Балканскиот бензин-туризам го присвоија и Европејците
Глобалната криза со енергентите ги принуди Европејците да бараат алтернативни начини да ги задоволат своите потреби. Еден интересен тренд што го забележаа медиумите деновиве е формирањето т.н. бензин-туризам во Европската Унија, во кој граѓаните од една земја заминуваат во друга за да наточат гориво по пониски цени.
Според информациите публикувани во медиумите, деновиве Германците за да го ублажат економскиот удар врз нивните семејни буџети, како резултат на вртоглавиот раст на цените на горивата, патуваат во соседните Полска, Австрија и Чешка да наточат гориво по пониски цени, но и да испазарат некои поевтини прехранбени продукти во соседството.
Ваквата појава за која пишуваат европските медиуми ги вознемирува Европејците и ги подгреа стравувањата дека Унијата не може лесно да се справи со глобалната криза.
Возењето во ЕУ станува луксуз?
Како што објави „Танјуг“, цената на бензинот во Германија деновиве достигна речиси 2 евра за литар, што значи дека полн резервоар гориво чини околу 20 евра повеќе отколку во соседните земји.
– Возењето преку границата само за полнење гориво вреди да се направи ако разликата во цената е голема, а растојанието е многу кратко – вели Јирген Албрехт, преставник од германскиот авто-мото клуб.
Сепак, како што се зголемува разликата во цената и продолжуваат да се влошуваат прогнозите, сѐ повеќе Германци се подготвени за подолги патувања во соседството за да го наполнат автомобилот со гориво, наведува германски „Дојче веле“.
Во меѓувреме, овој „туризам“ е присутен и во Холандија, откако земјата неодамна го зголеми данокот на горивото. Според интернет-страницата „Аутотравелер“, Холандија со моменталната цена од 2,06 евра, односно 2,13 евра за литар бензин, е европски рекордер, а околу 2 евра веќе плаќаат и Италијанците покрај Германците.
Медиумите известуваат дека и цигарите и алкохолот сега се поскапени во некои земји во Унијата. Па, така, германските супермаркети во пограничните региони им се радуваат на холандските муштерии.
Херберт Ситерлин, раководител на супермаркет лоциран во пограничните места со Холандија, вели дека енергетската криза ги осиромаши Европејците, па некои од нив веќе почнаа и да прават резерви на храна за претстојната зима.
– Сѐ повеќе се забележува дека доаѓаат и цели семејства, кои заеднички разгледуваат низ продавницата и се снабдуваат со она што им се чини особено атрактивно во однос на Холандија. Некои Холанѓани доаѓаат и од малку подалеку, за да заштедат во домашниот буџет – вели Ситерлин.
Рецептот за бензин-туризмот измислен на Балканот?
Во исто време, интересно е да се спомене дека овој последен тренд на т.н. бензин-туризам, кој во моментов е актуелен во земјите низ ЕУ, беше присутен во регионот, но и во Македонија во времето пред да започне пандемијата на ковид-19.
Од она што беше тогаш објавувано, Бугарите, особено од пограничните места со Македонија, масовно доаѓаа во земјава за на забар, но и да си ги наполнат своите резервоари со поевтин бензин.
Бугарскиот весник „Стандарт“ во свој текст на оваа тема неодамна објави дека за мост, четири пломби и вадење заб во Бугарија се плаќа 1.000 лева (околу 500 евра), а во Делчево сето ова чини околу 20.000 илјади денари.
Растојанието од Благоевград до Делчево е 38 километри, така што, како што наведува весникот, оваа стоматолошка екскурзија изгледа добро дури и да се пресмета горивото за возилата. Бугарите и сега, и покрај рестриктивните мерки наметнати од пандемијата, сѐ уште доаѓаат во Македонија да набават и бензин поради различната цена на горивата од двете страни на границата.
Пред неколку години слична беше сликата и на јужната граница, каде што Грците го практикуваа овој „туризам“ со Македонија. Тие масовно доаѓаа на шопинг во Гевгелија и во Битола поради пониските цени на нафтените деривати, но и на прехранбените продукти во земјава.