Секој обид на Израел за наметнување на суверенитет на Западниот Брег сигурно ќе доведе до кошмарно сценарио, односно до пораст на насилството и меѓународна осуда. За Палестинците, како и за другите Арапи и меѓународната заедница, таквиот чекор ќе значи и крај на сите изгледи за решението за две држави на Палестинците и Евреите, оценува „Њујорк тајмс“

Најавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анексија на Западниот Брег ако повторно биде избран за премиер сериозно ги нарушува плановите за решението за две држави на Палестинците и Израелците. Поддржувачите на решението за две држави предупредуваат дека секој обид на Израел за наметнување на суверенитет на Западниот Брег сигурно ќе доведе до кошмарно сценарио, односно до пораст на насилството и меѓународна осуда. Шокантната најава на Нетанјаху за проширување на израелскиот суверенитет над спорната област по сѐ изгледа е негов последен обид да ја добие поддршката на десничарите пред денешните избори и да остане на власт. Од друга страна, поддржувачите на идејата за суверенитетот инсистираат дека анексијата на еврејските населби нема да наиде на голем меѓународен или арапски отпор, поради очекувањата овие области да останат под Израел при евентуално решение за две држави, наведува „Њујорк тајмс“.

Прашањето за израелскиот суверенитет над Западниот Брег стана итно по најавата на Нетанјаху, кој се соочува со голем изборен предизвик од обединета центристичка партија предводена од тим на поранешни армиски шефови. Па така, како што оценува американскиот весник, израелските гласачи на само два дена од изборите се соочија со прашањето, односно дилемата дали сакаат Израел засекогаш да ја задржи контролата над Западниот Брег и неговите 2,6 милиони палестински жители? Или, пак, дали сакаат да ја задржат отворена можноста дека еден ден може да се формира палестинска држава?

За поддржувачите на анексијата не се важни само денешните избори, туку и изборите за американски претседател во 2020 година. Тие ја оценуваат цврстата поддршка на претседателот Доналд Трамп како „историска шанса“ за реализирање на планот за анексија на делови, па дури и целиот Западен Брег. Од друга страна, поддржувачите на решението за две држави признаваат дека не е сосема јасно како Палестинците ќе реагираат, но предупредуваат дека обидот за наметнување на суверенитетот сигурно ќе го зголеми насилството и ќе ги навлече гневот и осудите на меѓународната заедница. Континуираното ширење на еврејските населби на палестинска територија често се нарекува „бавна анексија“. И сѐ досега таа се одвива доволно бавно за да ги увери поддржувачите на решението за две држави дека таквите чекори може да се изменат или, пак, да бидат земени предвид во идните преговори. Но според „Њујорк тајмс“, наметнувањето на суверенитетот не може да се укине, или, пак, ситуацијата да се врати во претходна состојба. Без разлика дали анексијата ќе биде спроведена набрзина или постепено, таа е спротивна на 25-годишниот договор од Осло, со кој е забранета измената на статус кво помеѓу Израел и Палестинците, освен преку преговори помеѓу двете страни.

Повеќе години наназад Нетанјаху се позиционираше како контратежа на двете страни во дебатата. Тој, од една страна, се постави десно од поддржувачите на решението за две држави, и, од друга страна, лево од оние што бараат анексија на Западниот Брег и го сметаат т.н. Голем Израел за исполнување на ционистичкиот сон за еврејска држава од реката Јордан до Медитеранот. Од 2015 година, во израелскиот парламент се поднесени најмалку 60 закони, со кои се заговара некаква форма на анексија.
– Поддршката за објавувањето на израелски суверенитет над делови или на целата Јудеја и Самарија стана литмусов тест за сите лидери на десницата – изјави Мајкл Орен, заменик-министер во владата на Нетанјаху, кој не се кандидираше за реизбор.

Поддржувачите на движењето за суверенитет тврдат дека како што сѐ поблиску Израел се приближуваше до решението за две држави, така сѐ повеќе се зголемил бројот на убиства, востанија, самоубиствени бомбашки напади и ракетни напади. Во 2015 година, Нетанјаху ја мобилизираше својата гласачка база ширејќи страв за голема излезеност на арапските Израелци, кои ќе ја предадат владата на левицата. Овој пат многумина сметаат дека тој се обидува да ја поттикне десницата да му помогне, ветувајќи исполнување на сонот за доселеничките населби.

Мајкл Коплов, аналитичар од Израелскиот форум за политика, оценува дека десницата сега ќе го притисне Нетанјаху за неговото телевизиско ветување за анексија и оти тешко ќе може да го избегне притисокот. Израелскиот премиер е многу послаб од пред десет години. Тој се соочува со обвинувања за корупција, вклучувајќи и поткуп, што можат да стават крај на неговиот мандат.

– Таквата ситуација може да доведе до размена со неговите коалициски партнери: да ја избегне затворската казна во замена за конкретни чекори за анексијата. Партиите што ќе му бидат потребни да формира коалиција сега може да инсистираат тој да продолжи со анексијата во замена за заштита од обвиненија. Тој ќе се обиде да понуди минимум, а тие ќе се обидат да го изнудат максимумот – истакнува Даниел Шапиро, американски амбасадор во Израел во мандатот на Барак Обама.
Според Шапиро, недостасува очигледна сопирачка од администрацијата на Трамп, како што беше случајот со сите претходни администрации во Вашингтон.
Поддржувачите на решението за две држави предупредуваат на домино ефектот што ќе го предизвика евентуалниот чекор кон анексија.

– За Палестинците, како и за другите Арапи и меѓународната заедница, тоа ќе биде израелска национална одлука за затворање на вратата за решението за две држави, преку постигнување на договор – оценува Нимрод Новик, поранешен советник на премиерот Шимон Перез и дел од извршниот комитет на Команданти за израелска безбедност, група од пензионирани високи воени и безбедносни функционери кои го поддржуваат формирањето на палестинска држава.

Разурнувачкото домино, според Новик, би почнало со бран од насилства на Западниот Брег, одбивање на палестинските безбедносни служби да продолжат со соработката со Израел, колапс на палестинските власти и неизбежна повторна окупација на целиот Западен Брег од страна на израелската војска – операција што ќе потрае повеќе недели и ќе ја мобилизира речиси целата редовна војска. Уште посериозен проблем ќе биде ако Палестинците во анектираните територии не добијат државјанство, што, пак, ќе го поплочи патот кон држава на апартхејд, токму како што одамна предупредуваат поддржувачите на решението за две држави.

– Еднаш кога ќе почнете со анексијата, таа нема да запре само на населбите. Во тоа е најголемата опасност – предупредува Коплов.


Парламентарните избори како референдум за премиерот Нетанјаху

Шест милиони израелски гласачи денес имаат можност да го одредат новиот парламентарен состав на изборите што се сметаат за референдум за Бенјамин Нетанјаху, кој би можел да стане израелски лидер со најдолг мандат. Исходот од изборите може да стави крај на неверојатната десетгодишна кариера на Нетанјаху како премиер. Доколку победи, речиси е сигурно дека тој ќе го освои петтиот премиерски мандат и ќе влезе во историјата на израелската политика, пишува „Гардијан“.
Приврзаниците на Кралот Биби, како што е познат израелскиот премиер, тврдат дека Израелците никогаш досега не биле побезбедни и истовремено уживаат во големиот економски бум на земјата. Израел, според „Гардијан“, во неговиот мандат драматично се наклони кон десницата, потиснувајќи ги критичарите и дополнително игнорирајќи ги и демонизирајќи ги малцинствата. Нетанјаху дури и направи изборен договор со партијата на ултранационалистичките екстремисти Еврејска моќ. Еврејска моќ ги обедини силите со други десничарски фракции и формираше моќен блок кој може да му обезбеди подобри шанси на Нетанјаху да формира влада доколку победи на изборите.
Главен проблем што може да ги помати сметките на Нетанјаху се неколкуте корупциски случаи што се водат против него. Полицијата и јавниот обвинител соопштија дека веруваат оти израелскиот премиер треба да биде обвинет за најмалку три одделни случаи со корупција. Од друга страна, Нетанјаху ги отфрла сите обвинувања, за кои тврди дека се дел од ловот на вештерки против него. Доколку победи, сослушувањето пред судењето, во кое може да ја изнесе својата одбрана, ќе фрли голема сенка врз неговиот рекорден петти мандат како премиер.

[email protected]