Опозициската партија што се обиде да номинира член на кралското семејство за премиер на Тајланд, на претстојните избори, беше распуштена од страна на највисокиот суд на азиската држава, пренесува британски „Гардијан“.
Уставниот суд на Тајланд одлучи дека политичката партија Таи Ракса Чарт (Спас за тајландската нација) што беше формирана во октомври минатата година, го прекршила уставот бирајќи ја принцезата Уболратана Раџакања Сиривадана Барнавади, која е постара сестра на тајландскиот крал Маха Вајиралонгкорн, за кандидатка за премиерската функција.
Во образложението на судот, номинацијата на принцезата се опишува како „подмолен план“ осмислен за стекнување на политичка предност од страна на партијата, кој би бил „непријателски за уставната монархија“ и прекршување на актот на партиите од 2017 година.
Одлуката, со која водството на партијата доби 10-годишна забрана за учество во политиката, претставува голем удар врз нејзините поддржувачи кои се лојални на поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра.
Објавувањето на кандидатурата на принцезата на 8 февруари претставуваше шок во Тајланд. Членовите на кралското семејство не можат да вршат политички функции, но Уболратана се откажа од нејзините титули во 1972 година кога стапи во брак со Американец. Тајландскиот крал јавно се спротистави на номинацијата на принцезата, по што партијата беше пријавена на изборната комисија.
Еден од нејзините главни ривали за премиерската функција, на изборите на 24 март, актуелниот премиер Прајут Чан-оча, исто така, оцени дека кандидатурата на принцезата претставува кршење на законот, бидејќи тој забранува политичките партии да ја користат монархијата во своите кампањи. Тајланд е уставна монархија од 1932 година, но кралското семејство има големо влијание и ужива поддршка од граѓаните.