Кошмарот на Доналд Трамп, во кој светот им се смее на САД, се оствари вчера, на генералното собрание на Обединетите нации (ОН), пишува магазинот „Атлантик“. Тој досега предупредуваше на ваквата можност, во бројните обраќања кои се исполнети со предупредувања дека САД би можеле да станат предмет на шега.
„Светот ни се смее“, кажа Трамп во октомври 2016 година, по што продолжи „не победуваме на границите. Не победуваме со грижата за ветераните. Не победуваме во ништо. Веќе не победуваме. Но, ќе почнеме да победуваме како никогаш досега“.
Тој продолжи со слични коментари и по стапување на претседателската функција.
– Кога ќе почнат да ни се смеат на нас, како на држава? – се запраша Трамп во јуни 2017 година, за веќе во август истата година да го даде одговорот, порачувајќи „Светот ни се смее нам. Светот се смее на нашата глупавост, во справувањето со имиграцијата“.
Трамп го употреби зборот „смеење“ на Твитер десетици пати од 2011 година, воглавно пишувајќи како странските држави и Исламската држава им се смеат на САД. Тој дури го спомна и својот претходник Барак Обама, пишувајќи „потребен ни е претседател кој не е предмет на потсмев на целиот свет“. Ни треба навистина голем лидер, гениј за стратегија и за победување. Почит!“.
We need a President who isn't a laughing stock to the entire World. We need a truly great leader, a genius at strategy and winning. Respect!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) August 9, 2014
Во последно време, пак, американскиот лидер истакнуваше дека времињата се смениле и оти САД веќе не се предмет на потсмев. Но, многумина веројатно не би се согласиле со неговите последни тврдења, особено по настапот во ОН.
– За помалку од две години, мојата администрација постигна повеќе отколку било која администрација во историјата на нашата држава. Толку точно – кажа на генералното собрание на ОН.
Присутните делегати во салата потоа отворено му се смееја на американскиот претседател, што тој го прифати.
– Не ја очекував ваквата реакција, но тоа е во ред – порача Трамп, што предизвика дополнителна смеа.
Ова е индикација дека САД можат да ја обединат светската заедница, само кога во прашање е смеењето, се наведува во заклучокот на текстот во „Атлантик“.