Личната заштитна опрема од ковид-19 што е неопходна за заштита од инфекција и во летните периоди, дополнително ја влошува состојбата кај луѓето и може да создаде запурнина, која е неудобна во текот на одвивањето на нормалните работни обврски, што може да доведе дури и до топлотен удар и несакани здравствени последици по здравјето на човекот
Милиони луѓе во светот може да бидат изложени на опасен ризик од топлотен удар, кој меѓу другото може да предизвика и откажување на дел од органите кај човекот поради носењето на заштитната опрема од коронавирусот. Дополнително, многу граѓани во земјите во развој што работат во животозагрозувачки услови, како што се фармите и градилиштата, но и фабриките и болниците, поради глобалното затоплување исто така може да се соочат со дополнителни здравствени проблеми покрај коронавирусот.
Ова го наведува во своја анализа британски „Би-би-си“, каде што се посочува дека затоплувањето во летните периоди ќе ги зголеми шансите работните услови да станат прежешки за да може работниот процес да се одвива непрекинато.
Доктор Џими Ли, кој работи во итната служба во болницата во тропскиот Сингапур и се грижи за пациенти со ковид-19, раскажа дека во одделот нема климатизација, за да се спречи ширењето на вирусот, и истакна дека заедно со неговите колеги станале „понервозни и понетрпеливи“ поради временските услови. Личната заштитна опрема што е неопходна за заштита од инфекција дополнително ја влошува состојбата, затоа што создава запурнина под повеќеслојниот скафандер кој станува многу неудобен во текот на осумчасовната смена и влијае врз моралот на докторите. Тој истакнува дека една опасност е што прегревањето може да ја намали способноста на медицинските лица во брзото носење одлуки, што е од клучно значење. Друг проблем е тоа што тие ги игнорираат знаците на топлотниот удар, како што се премаленоста и гадењето, и продолжуваат да работат додека не колабираат.
Што е топлотен удар?
Кога телото не може соодветно да се излади, при што температурата се искачува до опасно ниво и може да доведе до откажување на органите. Ова се случува кога нема потење, затоа што воздухот има преголема влажност. Како што открија д-р Ли и други лекари, непробојните слоеви на скафандерите, чија главна цел е заштита од вирусот, го спречуваат испарувањето на потта.
Според д-р Ребека Лукас, која е истражувачка по психологија на Универзитетот во Бирмингем, симптомите може да варираат од премалување и дезориентираност до грчеви и откажување на внатрешните органи и бубрезите.
Први симптоми
Системот познат како „индикатор на влага и високи температури“ (ВБГТ), покрај мерењето на температурата и на влагата, дава пореален опис на временските услови. Во 1950-тите години го користела американската армија во изведувањето на воените вежби, па, така, кога температурата ќе достигнела 29 Целзиусови степени, тие се прекинувале заради безбедност на војниците.
Доктор Ли и неговите колеги редовно се соочуваат со вакви услови во општата болница во Сингапур, каде што индикаторот регистрира 32 Целзиусови степени, што е опасно за работа. Вакви високи нивоа беа регистрирани во болниците во Ченај во Индија, како што посочува професорката Видија Венугопал од универзитетот „Шри римачандра“.
– Ако ова се случува секојдневно, работниците може да дехидрираат, да се јават кардиоваскуларни проблеми, камења во бубрег и топлинска исцрпеност – вели таа.
Влијанието на климатските промени
Со зголемувањето на светските температури, се зголемуваат шансите и за поголема влажност на воздухот, што значи дека сè повеќе луѓе ќе бидат изложени на повеќедневни услови со високи температури и зголемена влажност. Професорот Ричард Бетс од британскиот метеоролошки завод изработи компјутерски модели што покажуваат дека ќе се зголеми бројот на деновите во кои температурата на воздухот ќе биде повисока од 32 Целзиусови степени, што ќе зависи од намалувањето на емисиите на стакленички гасови.
– Ние луѓето сме еволуирале да живееме во разни температурни услови, така што јасно е дека ако продолжиме да предизвикуваме раст на светските температури, порано или подоцна, во најжешките места во светот ќе биде претешко да се функционира – смета тој.
Во друга студија објавена на почетокот од оваа година се предупредува дека топлотниот удар може да влијае врз 1,2 милијарда луѓе во светот до 2100 година, што е четирипати повеќе од сега.
Решение
Луѓето треба да пијат многу течности пред да почнат да работат, да прават редовно паузи и потоа повторно да пијат кога ќе одмораат. Болницата каде што работи д-р Џими Ли почнала да дава полусмрзнати пијалаци за да можат да се ладат вработените, но признава дека тешко се избегнува топлотниот удар. За него и за неговите колеги правењето паузи значи дека треба да поминат низ тешкиот процес на преоблекување на скафандерите и потоа да облечат нов. Потоа постои и професионалната желба за постојано работење без разлика на тежината на условите, за да не ги разочараат колегите и пациентите во време на криза. Луѓето со силна мотивација може лесно да бидат изложени на најголем ризик од топлотен удар, како што смета д-р Џејсон Ли, вонредниот професор по психологија на државниот универзитет во Сингапур. Тој смета дека одморот и пиењето многу течности, како и седењето под сенка, се најдобрата стратегија за отпорност на топлотен удар.