Пандемијата ги врати старите поделби во ЕУ за директивите што ги наметнува Брисел и одлуките што се носат на национално ниво, како и помеѓу побогатите и посиромашните членки и кој ќе ја плати сметката за ковид-19
Пандемијата на коронавирусот одново го тестира единството меѓу земјите-членки на ЕУ, кои како што се шират заразите, така се затвораат во самоизолација и се мачат да најдат заедничко решение за здравствената криза. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, се бори да ја дефинира улогата на ЕУ во време на пандемија. Таа сега нагласува дека ќе бара консензус меѓу членките во европскиот одговор на коронавирусот.
Поделбите во ЕУ одново избија на површина минатиот четврток, кога социјално дистанцираните лидери на ЕУ на видеоконференција не успеаја да се договорат да го делат долгот што го трупаат во борбата против ковид-19. Единствено што успеаја да се договорат е да побараат од министрите за финансии на Еврогрупата да ја истражат оваа тема и за две недели да понудат решение.
ЕУ е позната по одложувањето клучни решенија, но во време на пандемија на коронавирус и на брз пораст на бројот на заразени и на починати, две недели може да изгледаат како цела вечност, посочува Би-би-си.
Италијанскиот Твитер експлодира со негативни реакции, меѓу кои и од италијанските политичари, веднаш по неуспешниот видеосамит на лидерите на ЕУ, на кој францускиот претседател Емануел Макрон наводно предупредил дека политичката реакција по кризата може да доведе до колапс на ЕУ. Италија и Шпанија се меѓу најпогодените земји во Европа и тие веќе со недели го критикуваат недостигот од европска солидарност. За обичните граѓани, кои се соочуваат со неверојатни маки да останат здрави, да се слушнат со најблиските или да ги купат најосновните намирници, несфатливо е како лидерите не можат да се договорат за одговорот на една од најголемите кризи во светот.
Но коронавирусот само ги врати старите поделби во ЕУ. Првата тензија е околу централизирањето на власта во Брисел, наспроти зачувувањето на суверенитетот и независноста во носењето на одлуките на ниво на националните влади и парламенти. На пример, јавното здравство е во национална надлежност, па затоа и може да се види како земјите од ЕУ различно реагираат на ковид-19.
Во однос на економијата, кога побогатите земји на ЕУ, како Холандија и Германија, ќе слушнат за „поделба на долговите“ и за „европска солидарност“, тие веднаш се грижат дека нивните гласачи од тоа ќе разберат само дека побогатите членки на ЕУ од Северна Европа ќе мора пак да ја плаќаат сметката за посиромашните членки на ЕУ од Јужна Европа. Дополнително, Хаг и Берлин никогаш не ја сакаа идејата за еврообврзници и тие продолжуваат да ја отфрлаат дури и ако сега ги прекрстуваат во „корона-обврзници“. Во меѓувреме, Европската комисија не може да ги натера членките да прифатат одредени одговори, па затоа сега повикува на „консензуално“ решение, што практично ја отфрла идејата за „корона-обврзници“, која ја бараат Италија и Шпанија.
Конечно, додека евроскептиците предвидуваат колапс на ЕУ, еврофилите посочуваат дека Унијата се соочуваше со слични предизвици и при должничката и при мигрантската криза и дека на крајот опстана. Тие исто така тврдат дека не може да се каже дека нема европска солидарност и даваат примери дека Австрија, Франција и Германија испратиле заштитни маски во Италија или дека Германија примила пациенти од Италија и од Франција.
ЕУ веќе наредната недела ќе има нова можност да покаже дали може да биде солидарна и да изгради единство во време на криза, кога министрите за финансии на ЕУ ќе се состанат за да подготват план за закрепнување од ковид-19.