Книги напишани од истакнати активисти-поборници на демократијата во Хонгконг почнаа да исчезнуваат од библиотеките само неколку дена откако Пекинг го донесе новиот закон за национална безбедност, пренесува „Гардијан“.

Меѓу авторите чии наслови повеќе не се достапни се Jошуа Вонг, еден од најистакнатите млади активисти во Хонгконг, како и Тања Чан, позната пратеничка која е поддржувач на демократијата.

Новиот закон за национална безбедност во Пекинг стапи на сила во вторникот и е најрадикалната промена во начинот на управување на овој полу-автономен град. Властите тврдат дека законот ќе ја врати стабилноста по една година од почнувањето на протестите во градот, а истите нема да ги задушат слободите на народот, туку само ќе таргетираат „многу мала група“.

Но, законот веќе предизвика масовен страв во градот, каде што можеше да се забележи како припадниците на полицијата апсат луѓе кои со себе носат транспаренти  со слогани за независност. 

– Теророт продолжува да се шири, а законот за национална безбедност во основа е алатка за инкриминација на говорот – напиша Вонг на Фејсбук. Тој верува дека  отстранувањето на книгите од библиотеките е поттикнато од законот за безбедност.

Пребарувањата на веб-страниците на јавните библиотеки покажаа дека најмалку три наслови од Вонг, Чан и научник Чин Ван веќе не се достапни за изнајмување на ниту едно од десетиците места низ градот.

Од Одделот за културни услуги, кој е одговорен за работата на библиотеките, изјавија дека книгите биле отстранети додека не се утврди дали тие го прекршуваат законот за национална безбедност. Законот е насочен кон акти на субверзија, отцепување, тероризам и соработка со странски сили.

– Додека трае утврдувањето, книгите нема да бидат достапни за изнајмување или референцирање – напишаа од Одделот за културни услуги.

Правните аналитичари велат дека законот, кој бил чувал во тајност сè до неговото донесување, забранува одредени политички погледи, дури и ако тие се изразени на мирен начин.

Секое промовирање на независност или автономија е забрането со законот. Друга нејасно изречена одредба забранува поттикнување омраза кон кинеските власти и властите на Хонгконг. Во внатрешноста на земјата, слични закони за национална безбедност рутински се користат за да се сузбијат несогласувањата со властите.

Носењето на законот и повлекувањето на книгите отвори многубројни прашања, меѓу кои и дали академската слобода уште постои во Хонгконг. Некои од најдобрите универзитети во Азија се наоѓаат во Хонгконг, а честопати во нив се дискутираат теми кои во внатрешноста на Кина би претставувале табу. 

Сепак, јасно е дека Пекинг сака образованието во Хонгконг да стане „попатриотско“, особено една година по избивањето на големите и честопати насилни про-демократски протести во градот.