Студија на Институтот за економија и мир посочува дека климатските промени и еколошките закани, како и недостигот од пивка вода во светот, може да поттикнат нова миграција, поради која е можно да дојде и до влошување на глобалната безбедносна слика
Истражување на Институтот за економија и мир
Климатските промени и еколошките закани, како и недостигот од пивка вода, може да доведат до избувнување пошироки конфликт и масовна миграција во светот, доколку не се направат значителни напори за да се ограничи штетата од нив.
Ова меѓу другото го наведува извештајот на Институтот за економија и мир (ИЕП) од Сиднеј, објавен мината недела, во пресрет на конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП26), која треба да се одржи во Глазгов, каде што светските лидери се надеваат дека ќе успеат да постигнат договор за конкретни мерки за справување со климатските промени.
Студијата посочува дека недостигот од храна и вода и влијанието на природните катастрофи, заедно со високиот раст на населението, го разгоруваат конфликтот и ги раселуваат луѓето во ранливите области, особено во оние на Блискиот Исток и Северна Африка.
Според институтот, 1,26 милијарда луѓе низ светот во моментов се во највисок ризик од конфликт и раселување токму поради климатските промени.
Основачот и извршен претседател на ИЕП, Стив Килелеа, за „Дојче веле“ нагласи дека „еколошката штета и конфликтот се особено тесно поврзани“.
– Кога ресурсите се намалуваат, луѓето почнуваат да се борат за нив, а конфликтот потоа ги ослабува целата социјална инфраструктура и системи, што дополнително ги уништува ресурсите и води до повеќе конфликти. Дополнително влошување настанува кога ќе се додадат различните етнички или верски групи и старите непријателства од минатите конфликти. Еден таков регион е Сахел, кој се наоѓа на јужната граница на пустината Сахара – вели Килелеа.
Најзагрозени делови низ светот
Серж Стробантс, директор на ИЕП за Европа, за германските медиуми посочи дека извештајот идентификувал 30 земји жаришта што се соочуваат со високо ниво на еколошки закани, но и се карактеризираат со високо ниво на корупција, слаби институции, лоша деловна средина и лоша распределба на ресурсите.
Трите региони што се најзагрозени од општествен колапс се појасот Сахел до Африкански Рог, кој се протега од Мавританија до Сомалија, јужноафриканскиот појас, од Ангола до Мадагаскар, Блискиот Исток и средноазискиот појас, кој е од Сирија до Пакистан.
Овие земји, кои се изложени на ризик од понатамошен конфликт, најверојатно ќе доживеат и масовна миграција, стои во анализата на ИЕП.
– Повеќе од 50 милиони луѓе беа присилно раселени поради конфликти и насилство во Супсахарска Африка, Блискиот Исток и Северна Африка во 2020 година – вели Стробантс за германските медиуми.
Регионален импакт на климатските промени
Коментирајќи го извештајот на (ИЕП), докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека климатските промени се сериозен проблем за сите земји во светот, па во тој контекст и за нашиот регион и Македонија.
– Еколошките проблеми придонесуваат за промена на животната средина и од тој аспект многу од земјите со помал развој ќе имаат последици од овие климатски промени. Во тaa насока, може да доведе и до нарушување на меѓусебните односи на земјите, како на регионално така и на светско ниво. Македонија во овој правец, секако, може да има негативни последици, бидејќи во моментов немаме ниту доволно ресурси, а уште помалку би имале во иднина да се справиме со евентуалните вакви појави. Со тоа стануваме зависни од големите сили на кој начин тие ќе реагираат за подоцна ние да се вклучиме во тој систем – оценува Марковски.
Тој објаснува дека проблемот со недостигот од пивка вода во светот станува сериозен.
– Недостигот од вода ќе биде сериозен проблем во иднината и многу земји ќе почувствуваат последици од овој недостиг. За среќа, Македонија има многу води и полесно ќе помине од некои држави, особено околу проблемот со водите што се неопходни за живот на човештвото. На климатските промени како најголем проблем за светот во овој момент не треба да се гледа низ безбедносна призма. Сепак, доколку проблемот се анализира во поширока смисла, тој може да доведе до сериозни последици на економиите во државите – заклучува Марковски.