Сериски убиец кој силуваше и уби 10 жени и едно девојче во северозападна Кина, денес беше погубен, пренесуваат повеќе светски медиуми. Гао Ченгјонг (54) кој го доби прекарот кинескиот „Џек Мевосек“, беше познат по тоа што целел жени кои се облечени во црвено, а потоа ги следел до нивниот дом, каде што ги силувал и убивал. Во периодот од 1988 до 2002 година, Ченгјонг покрај тоа што им ги сечел грлата на своите жртви, ги сечел и сквернавел нивните тела.
Гао Ченгјонг беше уапсен во 2016 година, а откриен откако ДНК-та на неговиот чичко била земена поради мал прекршок и потоа била споредена, по што се потврдило дека тој е убиецот по кој трага полицијата. Тој призна 11 убиства во провинцијата Гансу и во Внатрешна Монголија, а беше осуден на смрт во март минатата година.
Поголемиот дел од неговите напади се случиле во и околу градот Баијин во кој живеат 1,7 милиони жители, а според полицијата тој бил сексуален предатор и ги мразел жените. Во полицискиот извештај стои дека Гао Ченгјонг, исто така, бил релативно асоцијална личност, но и многу трпелив, а неговото семејство, вклучувајќи ја и неговата сопруга, не биле запознаени со неговите криминални активности.