Академиците, туристите, професорите по англиски и вработените во невладините организации, се меѓу сомнителните лица за кои жителите на Кина треба да бидат претпазливи при склучувањето на познанства, според кампањата покрената од кинеските власти, пренесува британски „Гардијан“.
Во метрото во Пекинг, излепени се плакати кои ги известуваат корисниците на јавниот превоз за кампањата чија цел е спречување на врбувањето од странските агенти, за шпионирање на сопствената држава, како и препознавање на ваквата практика.
„И натаму можете да се вратите“, „ако признаете и изразите жалење, нема да бидете обвинети за вашите грешки… Вашите семејства нема да ве напуштат. Вашата држава секогаш ќе ве чува“, гласат пораките на постерите, на кои е наведен и телефонски број на кој Кинезите можат да се обратат „во време на опасност“.
Противниците на ваквата кампања, во рамките на која предупредувањата се зачестени, сметаат дека таа создава недоверба кон странците, давајќи им на властите легална подлога за засилување на контролата врз општеството.
Во последните неколку години Кина ја засили кампањата за регрутација на државјаните во контра-шпионажа, која вклучува телефонски броеви за пријавување на такви случаи, парични награди, предавања и организирање на „Ден на државната безбедност“. Згора, кинеското министерство за образование има предлог за вклучување на државната безбедност во школската програма.
– Кампањите се организираат со идејата дека сите се вклучени во националната безбедност. Вклученоста е насочена кон спречување и казнување на дела кои би можеле да ја загрозат државната безбедност – вели аналитичарката Саманта Хофман, која има познавања за кинеската државна безбеност.
Кина мината година ги унапреди законите за контра-шпионажа, со проширување на делата кои се казниви во име на државната безбедност.