Затворањето на државите во светот поради пандемијата на коронавирусот исклучително неповолно влијаеше на националните економии, но и, генерално, на светската. Една од водечките економии, кинеската, исто така беше силно погодена во првата половина на минатата година. Но токму со брзиот одговор на кризната состојба и со владиниот стимулативен пакет, кинеската економија брзо се враќа на старите патеки. Овој модел на финансиско закрепнување може да биде формула за многу други национални економии, но и за светската економија што побргу да се извлече од пандемиската криза

Успешниот модел за зајакнување на
една национална економија како повод

Огромните даночни намалувања и зголемените владини трошоци ѝ помогнаа на кинеската економија побрзо да закрепне. Пазарот исто така одблиску е следен од фискалната политика на државата за 2021 година. Кина и во оваа година ќе ги задржи успешниот модел и доследноста во макроекономските политики, со тоа што нема да направи никакви „ненадејни чекори“, затоа што темелите на нејзиното економско закрепнување „сè уште не се доволно цврсти“. Тоа значи дека Владата ќе ја задржи својата проактивна фискална политика во 2021 година.

Оптимизирано фискално трошење

Светската банка во својот најнов извештај за кинеската економија истакна дека бруто-домашниот производ (БДП) на државата се очекува да се зголеми за два отсто во 2020-та и понатаму да скокне на 7,9 отсто во 2021 година. Банката го припиша закрепнувањето на економските активности, кое беше „побрзо од очекувањето“, на кинеската стратегија за ефикасна контрола на епидемијата, силната политичка поддршка и издржливиот извоз.
Според кинеските даночни власти, намалувањето на даноците и таксите во првите 11 месеци од 2020 година изнесуваше 2,37 илјади милијарди јуани, што е околу 363,22 милијарди долари, од кои 1,64 илјада милијарди јуани беа заштедени во рамките на повластените даночни и таксени мерки што беа претставени во 2020 година за да се поттикне економскиот развој и да се спречи ширењето на ковид-19. Покрај тоа, беа забележани големи фискални трошоци во социјалното осигурување, здравствената нега и образованието. Во првите 11 месеци од 2020 година, фискалните трошоци на државата се зголемија за 0,7 отсто во однос на претходната година на нешто повеќе од 20,78 илјади милијарди јуани, со позитивен раст на годишно ниво во социјалното осигурување, вработувањето, образованието, хигиената и здравството. Со оглед на солидното економско закрепнување, аналитичарите очекуваат фокусот на фискалните трошоци да се промени од епидемиска превенција во инфраструктурна изградба.

Кина може да го искористи својот фискален простор за да се заштити од негативните ризици од растот, како што смета Светската банка, „но фокусот треба да се промени од традиционалната инфраструктура на поголеми социјални трошоци и зелени инвестиции“. Во согласност со една од примарните задачи наведени на годишниот економски состанок, Кина ќе усвои фискална политика што ќе нуди силни финансиски гаранции за крупните национални стратегии, но и ќе ги промовира научните и технолошките иновации, а се очекуваат повеќе инвестиции во дигиталната економија и новите инфраструктурни сектори. Џанг Јичјин, финансиски и даночен експерт, смета дека поголема финансиска поддршка ќе биде наменета за сферите како нова инфраструктура, 5Г и чипови.
На една скорашна национална конференција за фискално работење, министерот за финансии Лиу Кун нагласи дека треба да му се даде приоритет на подобрувањето на инвестициските структури, да се поттикне потрошувачката и да се олесни новиот вид урбанизација насочена кон луѓето. Целта на напорите е да се гарантира добросостојбата на народот, да се подобри политичката поддршка за земјоделството, руралните области и земјоделците, но и да се заживеат руралните средни, како што порача Лиу. Државата исто така ќе вложи повеќе во контрола на загадувањето, за да го поддржи зелениот развој, додаде тој.

Одржлив развој и додека се спречува ризикот

Во 2020 година, Кина го зголеми соодносот на нејзиниот дефицит во однос на БДП од 2,8 отсто во 2019 година на над 3,6 отсто, со што се оддалечи од својата долгогодишна практика да го задржува на три отсто. Во првите 11 месеци од минатата година, обврзниците издадени од локалните влади скокнаа за 44,78 отсто на годишно ниво на 6,26 илјади милијарди јуани, според Министерството за финансии. Вкупниот ненамирен долг на локалните власти беше во рамките на официјалното ограничување на 25,56 илјади милијарди јуани според податоците на Министерството за финансии од крајот на ноември лани.
Поради влијанието на ковид-19 и негативниот притисок врз економијата, локалните власти забележаа пад во приходите и се соочија со уште поголем притисок во намалувањето на скриените должнички ризици, како што посочи Џи Фусинг, професор на кинеската академија за општествени науки. Во 2021 година, проактивната фискална политика ќе биде „поодржлива“ во однос на скалата на потрошувачката и политичка сила за да се остави поголем политички простор за справувањето со идните ризици и предизвици, како што порача Лиу во своето најново интервју за новинската агенција „Синхуа“. Тој рече дека државата треба рационално да ја постави границата за односот на фискалниот дефицит и обемот на специјалните владини обврзници, како и да се задржи владиниот макроудел на долгот на стабилно ниво за да се остави политички простор во справувањето со идните ризици и предизвици.

Во моментов, должничките ризици на локалните власти генерално се под контрола. Сепак, скриените владини долгови и ризиците од неисполнувањето на обврските се зголемени во одредени региони, како што напомена Лиу. Тој додава дека владата „одблиску ќе внимава“ и ќе биде „на штрек“ за должничките проблеми.
Иако Кина ќе усвои проактивна фискална политика, државата може да не издаде специјални финансиски обврзници за контрола на епидемијата повторно во 2021 година, како што посочи Бијан Чјуаншуи, главен аналитичар во „Синолинк секјуритис“. Соодносот на дефицитот со БДП се очекува да биде помалку од три отсто годинава, а обемот на специјалните обврзници за локалните власти да се намали на околу три илјади милијарди јуани, како што смета Бијан.
– Кина треба да повлече безбедно и внимателно дел од привремените пакети за помош за да постигне рамнотежа меѓу одржливиот раст и спречувањето на ризиците на долгорочен план – истакна Хан Венсиу, претставник од Централниот комитет за финансиски и економски прашања.


Американскиот аналитичар Лоренс Џ. Брам го анализира петгодишниот план на Кина: Ова е многу различно од западните системи!

Како Кина ги комбинира плановите со пазарот за да промовира економски и општествен развој за нејзиниот народ? Како се разликува тоа од западните системи? Лоренс Џ. Брам, кој е истакнат американски соработник во Центарот за Кина, го анализира петгодишниот план на Кина.
– Ја набљудував и учествував во кинеската трансформација, прво како адвокат за странски инвестиции, кој во Кина донесе многу мултинационални корпорации што ја трансформираа економијата во 1980-тите и 1990-тите години. Во 1981 година всушност бев дел од првиот бран странци што пристигнуваа во Кина. Тие го научија кинескиот јазик, се вклопија во културата и почнаа да разбираат како функционира тој свет таму. Кина постојано воведуваше пазарна економија и денес можам да кажам дека во државата токму таа целосно се разви. Но исто така Кина користи петгодишно планирање, а аспектите на планирањето одат рака под рака со пазарот. Во примерот на Кина, усвојувањето на петгодишниот план овозможува многу поголеми долгорочни процени на потребите на кинеската економија, потребите на општеството во транзиција и, следствено на тоа, капацитетот за организација на буџетите и инфраструктурата, создавањето потреби и потоа истите тие да ги остварат во корист на народот, економијата и општеството додека тоа напредува.

Ова е многу различно од западните системи, кои повеќе се водат од изборните циклуси и повеќе се потпираат на внатрепартиски политики, каде што економијата и егзистенцијата на граѓаните се во втор план, а приоритет им се дава на директната политичка моќ, интересот на лобистичките групи и нивното финансирање на политичарите. Концептот за петгодишен план ѝ овозможува на Кина да му даде простор на пазарот да го стори потребното, но истовремено постои структура, претпазливост, фокус на вистинските потреби, каде што плановите и замислите ја надминуваат внатрешната политика на поединците и на партиите и повеќе се свртени кон националните потреби, општествените аспирации, промените во животната средина и економските предизвици, а на нив се гледа од долгорочен аспект. Покрај тоа, кога ги гледаме петгодишните планови, не станува само за еден таков, туку постојат повеќе планови. Затоа сметам дека ваквите петгодишни планови може да ѝ помогнат на пазарната економија, да се оствари напредок и да има многу поголема одржливост – вели Брам.