Кинеската влада се надева дека членките на Советот за безбедност на ОН ќе ја потврдат нивната посветеност на мултилатерализам и светски поредок базиран на меѓународно право, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, на брифинг со новинарите, пренесува „Чајна дејли“.
– Се надеваме дека сите учесници ќе ја искористат оваа средба како можност да ја потврдат својата посветеност на мултилатерализмот и целите и принципите на Повелбата на ОН, да го зајакнат меѓународниот систем во кој ОН ја играат клучната улога и да поддржат светски поредок и регионален мир и безбедност засновани на меѓународното право – рече Ванг.
Тој истакна дека пандемијата останува голем предизвик за целиот свет, што предизвика голема рецесија во светската економија. Портпаролот исто така истакна дека климатските промени и проблемите со безбедноста на храната се влошуваат.
– Во меѓувреме, политиката на создавање блокови ги поткопува авторитетот и ефективноста на мултилатералните институции – рече Ванг.
Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи видео конференција во Њујорк под наслов „Поддржување на мултилатерализмот и меѓународните односи“ на која Кина ќе ја претставува министерот за надворешни работи Ванг Ји.