Владата на Кина силно ги осуди демонстрантите кои синоќа насилно упаднаа и го вандализираа парламентот на Хонгконг, потенцирајќи дека нема да ги толерира таквите изрази на незадоволство, пренесува „Гардијан“.
Од кинеската владина канцеларија за врски во Хонгконг, за државна новинска агенција „Синхуа“ изјавија дека се шокирани, огорчени и силно ја осудуваат опсадата на зградата на парламентот.
– Демонстрантите употребија прекумерна сила за да упаднат во зградата на парламентот и да извршат серија напади. Ова е шокантно и разочарувачки. Овој насилен чин е екстремен предизвик за владеењето на правото и сериозно ги наруши мирот и стабилноста на Хонгконг. Чинот нема да биде толериран – стои во соопштението.
Исто така, се наведува дека канцеларијата за врски на Кина ги поддржува властите на Хонгконг да го истражат насилниот чин за да ги заштитат законот и редот.
Целта на демонстрантите, кои синоќа насилно упаднаа во парламентот на Хонгконг, беше да ја прекинат годишната церемонија за подигнување на знамето на која присуствуваа високи претставници од Хонгконг и Кина, во пресрет на годишнината од предавањето на оваа поранешна британска колонија на Кина.