Брисел сака повторно да го почне ограниченото патување во светот од 1 јули, додека ЕК, меѓу другото, предлага во Европа засега да има забрана за влез на граѓани од Америка, Бразил, но и од Македонија
Патна либерализација за време на пандемијата на ковид-19
На патници од САД и од Бразил може да им се забрани влез во ЕУ кога ќе се отворат надворешните граници на блокот, откако минатата недела Брисел најави дека сака да ги укине патните рестрикции на границите започнувајќи од 1 јули. Во тој контекст деновиве европските дипломати разгледуваат планови во кои само ограничен број земји ќе бидат на безбедната листа за повторно воведување на летовите во рамките на ЕУ, што ги зголемува тензиите кај некои од најголемите светски партнери на блокот. Како што пишува магазинот „Политико“, европските амбасадори во таа насока минатата седмица се состанаа за да дискутираат за критериумите според кои на земјите ќе им се овозможи повторно да го воведат слободното патување во Европа. Според магазинот, се очекува да биде исполнето барањето државите да имаат стапка на заразени под просекот на ЕУ за да се најдат на листата. Во исто време како што стојат работите, забрана за патници сепак ќе се воведе за САД, Бразил, но и за Македонија додека ќе се дозволи патување во и од Кина. „Политико“, повикувајќи се на првичните листи на Брисел, пишува дека се очекува да се укине патната забрана за околу 50 земји.
Во меѓувреме американскиот претседател Доналд Трамп побара САД да намалат со тестирањата за да се намалат бројките на регистрирани случаи во државата.
– Со зголемување на тестирањето откриваме поголем број случаи – изјави Трамп минатиот вторникот, но владиниот висок експерт за заразни болести истиот ден посочи дека американскиот претседател не наредил намалување на тестирањето за коронавирус.
Од друга страна, Европската комисија пред две недели претстави план за повторно отворање на надворешните граници на блокот и нагласи дека членките на ЕУ „треба да се согласат на заедничка листа на земји што не се во Унијата, за кои нема да важат патните рестрикции од 1 јули и која постојано ќе се ажурира“.
Критериумот што се користеше, како што наведува „Политико“, како и државите што беа опфатени, биле предмет на жестоки преговори.
Европските дипломатите се согласни дека еден од главните критериуми треба да биде стапката на зараза, која треба да биде блиску до или под просекот во ЕУ, која во моментов изнесува 16 случаи на 100.000 жители. Сепак голем број земји настојуваат да се разгледуваат и други податоци, како стапка на тестирање, број на пациенти на интензивна нега или подготвеноста на државата во однос на болнички капацитети, како и веродостојноста на податоците.
Еден европски дипломат, кој сакаше да остане анонимен, за „Политико“ посочи дека еден од проблемите е реципроцитетот каде што истиот тој треба да игра улога во носењето одлуки и доколку е така, дали тоа треба да се смета како порелевантен чекор од стапката на заразени. Според дипломатот, во исто време во ЕУ постои тензија околу Велика Британија, која сè уште има висока стапка на заразени во споредба со европските држави. Сепак, според одредбите од транзицискиот договор за брегзит, Лондон сè уште се смета како дел од ЕУ до 31 декември оваа година што значи дека нема да биде вклучен во листата на трети земји, посочи друг дипломат.
– Дополнително сликата се усложнува со фактот што не сите граници во рамките на шенген-зоната се повторно отворени. Ако внатрешните граници не се целосно отворени пред 1 јули, но се пуштаат лица од трети земји, тогаш „ќе настане хаос“, посочува друг дипломат.
Паралелно на ова, комесарката за домашни прашања во ЕУ, Илва Јохансон, им порача на земјите на почетокот на овој месец дека мора да ги укинат рестрикциите на внатрешните граници за да бидат подготвени за работење на заеднички пристап во повторното враќање на меѓународното патување. Брисел силно посакува да избегне хаотично отворање на границите во светот што може да резултира со ново нивно затворање.
Во исто време, од страна на хрватското претседателство со Европскиот совет, изработени се две листи, кои содржат земји што имаат нови случаи на вирусот со стапка еднаква или под онаа на ЕУ. Првата листа вклучува 47 држави со стапка на заразени под 16 случаи на 100.000 жители. Додека втората листа вклучува 54 земји со стапка на заразени од 16 до 20 случаи на 100.000 жители.
Со овие параметри Кина, Виетнам и Австралија се наоѓаат на двете листи додека Канада, Турција и Египет се вклучени само во поширока група. Интересно е што на почетокот од овој месец, Комисијата експлицитно го посочи Западен Балкан како регион што треба повторно да ги отвори границите во најскоро време. Сепак, листите даваат и сложена слика бидејќи Албанија и Косово имаат повисока стапка на зарази од европскиот просек. Во Србија и во Босна стапката на инфекција е пониска, но се зголемува, пишува „Политико“
Процесот ќе биде „базиран на докази и во согласност со здравствените препораки“, како што порача Оливие Јанковец, генералниот директор на Меѓународниот совет на аеродроми за Европа.
– Не сметам дека ЕУ може да си дозволи да даде приоритет на ништо друго освен на критериуми базирани на докази затоа што ризиците се преголеми – истакна тој.