Украинското Министерство за одбрана ја предупреди Русија дека ќе испрати воени бродови низ Керченскиот Теснец, во кој Русија заплени три украински бродови.
Украинскиот министер за одбрана Степен Полторак изјави дека неговата земја има намера да испрати воени бродови низ Керченскиот Теснец, наведувајќи оти во спротивно Русија планира целосно да го окупира Азовското Море.
Украина има пристаништа и во Црно и во Азовско Море, кои се поврзани со Керченскиот Теснец.
Повеќе од 140 бродови се наоѓаат денеска на двете страни на теснецот поради многубројните проверки и одложувања од руска страна, соопшти Украинската погранична служба, обвинувајќи ја Русија дека создава тесно грло за украинските бродови и ги спречува да поминат.
Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров претходно изјави дека Москва ќе биде подготвена да разговара за судбината на екипажот на украинските воени бродови, кои ги заплени, дури откако ќе заврши нивното судење. Уште не е утврден почетокот на судењето.
САД и ЕУ ја повикаа Русија да ги ослободи 24 украински војници, кои Русија ги уапси на 25 ноември во Керченскиот Теснец обвинувајќи ги дека незаконски влегле во руските територијални води и покрај предупредувањето да не го прават тоа.