Венецуелската влада се согласи да го зголеми присуството на претставници на Канцеларијата на Високиот комесаријат на Обединетите Нации за човекови права (УНХЦР) во земјата, соопшти претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, пренесува ТАСС.

– Се согласивме да ја подобриме координацијата и дијалогот како и да го прошириме присуството на претставниците на Канцеларијата на ОН за човекови права во Венецуела за да продолжат да работат – рече тој.

Мадуро, кој разговараше со високиот комесар за човекови права на ОН, Мишел Башелет, истакнал дека претставниците на канцеларијата работат доста добро во земјата и го олеснуваат подобрениот дијалог. Канцеларијата за човекови права и владата на Венецуела договорија трајно присуство на нејзините експерти во јуни минатата година кога Башелет беше во посета на земјата.

Претходно, меѓународната мисија за утврдување факти за кршење на човековите права во Венецуела тврдеше дека националните власти биле вклучени во злосторства. Поточно, шефот на мисијата откри дека има основа да верува оти властите и безбедносните сили планирале и вршеле груби повреди на човековите права од 2014 година.

Извештајот на мисијата составен минатиот септември со одлука на Советот за човекови права на ОН содржи 411 страници. Тој се заснова на 274 далечински интервјуа што мисијата ги спровела со наводните жртви откако властите во Венецуела не одговориле на барањата за посета на земјата.

Експертите регистрирале 53 случаи на вонсудски егзекуции како и 2.552 дополнителни инциденти во кои безбедносните служби извршиле 5.094 убиства.