Канада планира да ја забрани пластиката за еднократна употреба до 2021 година, изјави висок претставник на владата во неделата. Канадскиот премиер Џастин Трудо ваквата забрана ќе ја најави во понеделник, пренесува „Њујорк пост“.
Владиниот претставник изјави дека владата на Трудо се осврнала на тоа што направила Европската Унија и црпи инспирација од нивниот модел во борбата против пластичното загадување.
Европскиот парламент во март гласаше да се наметне забрана за пластиката за еднократна употреба со цел да се бори против загадувањето од фрлените пластични предмети кои завршуваат во реките и земјата. Мерката на ЕУ ќе влијае на голем број производи од пластика за кои постојат алтернативни решенија.
Друга цел е пластичните шишиња да бидат рециклирани до 90 отсто до 2025 година и да го намалат отпадот кој завршува во водите на океаните на половина. Ова ќе ја чини Европската Унија од 259 до 695 милиони евра годишно.
Од Европската Унија посочуваат дека производството на пластиката е за 20 пати поголемо од производството во 60-тите години на минатиот век. Одлуката на Кина да не го прифаќа пластичниот отпад на ЕУ беше поттик за да се донесе ваквата забраната за употребата на пластика за една употреба.