Спогодбата за нормализација на односите помеѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел што го изненади светот, е плод на 20-годишните напори да се остварат односи помеѓу две сили од Блискиот исток, чии почетоци потекнуваат уште од терористичките напади на 11 септември 2000 година врз Њујорк и Вашингтон, пишува „Форин полиси“.
Бидејќи Саудијците што ги грабнаа авионите го користеа Дубаи за трансфер на парични средства, Обединетите Арапски Емирати бргу се обратија кон Израелците за изработка на софтвер за сајбер безбедност што ќе им помогне да ја спасат и обноват репутацијата на главен финансиски центар на Блискиот Исток.
– 11 септември беше повикот за будење по кој стана јасно дека ОАЕ треба да ја имаат најдобрата технологија и тоа претставуваше можност за Израелците – објаснува Ганим Нусеибех, долгогодишен консултант на компаниите во регионот.
Создадени од нужност, контактите помеѓу двете држави процутеа во невообичаено широка врска. Во изминатите две децении, бизнис-односите помеѓу ОАЕ и Изрел се проширија на полињата на компјутерски надзор и аеродромска безбендност, во испораките, земјоделската технологија, недвижностите и на туризмот. Најзабележлив во изминатите неколку месеци беше интересот на ОАЕ за добивање на пристап во израелското истражување за вакцина против ковид-19.
Додека заедничката закана од Иран, аспирациите на ОАЕ за позначајна регионална улога, палестинското прашање и притисокот од Вашингтон за спогодба имаа улога во склучувањето на мировниот договор, бизнис и финансиските односи, како и надмоќта на израелската цивилна, одбранбена и разузнувачка технологија, го отворија патот до решението. Тука ОАЕ имаа најмногу можности да остварат добивка.
Уште од првиот твит беше јасно што американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се надеваат дека ќе добијат од договорот. И американскиот и израелскиот лидер го означија договорот како историски додека се борат за политички опстанок. Принцот Мохамед бин Зајед, суштинскиот владедел на ОАЕ беше поумерен во јавните изјави. Но придобивките што ги оствари полека излегуваат на виделина. Со воспоставување на односите со Израел тој стекна можност за широки придобивки на политички план и во бизнис-сферата, според Нусеибех.
Долго пред договорот за нормализација на односите ОАЕ го покани израел да отвори штанд за промовирање на неговите компаниии на саемот „Експо 2020“ (пред да биде одложен за 2021 година) во Дубаи. Во јули, ОАЕ и Израел објавија дека технолошката компанија од Абу Даби „Група 42“, ќе работи заедно со израелските компании поврзани со државата на истражувањето на ковид-19. Во изминатите неколку недели бизнис-врските беа доведени во прашање поради решителноста на Нетанјаху да го анектира Западниот брег, но откако израелскиот премиер го одложи тој процес, двете држави и САД сугерираат дека можностите за понатамошно продлабочување на врските се неограничени. Преку воспоставување на односи со Израел, ОАЕ, можеби ја поплочува патеката по која би можеле да тргнат и други држави од Персискиот Залив.