Важните откритија изостанаа со објавувањето на новите документи за убиството на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, како што оценуваат истражителите и новинарите по објавата на американскиот Национален архив во врска со владината истрага за атентатот извршен на 22 ноември 1963 година. На тој начин атентатот останува една од најголемите политички мистерии на 20-от век, која со децении поттикнува теории на заговор, а РТС се осврна на едно од спомнуваните сценарија кое го испитувале и југословенските безбедносни служби.
Во 1.500-те неодамна објавени документи најмногу внимание предизвикуваат информациите за наводниот атентатор Ли Харви Освалд. Шест недели пред атентатот, тој отпатувал во Мексико Сити, каде што ги посетил советската и кубанската амбасада, тврдејќи дека е фотограф. Упатените во истрагата тврдат дека овие информации се познати уште од 1998 година.
Две третини од Американците се сомневаат дека Кенеди бил убиен од еден човек. Таквите сомневања во одреден експеримент ги потврдиле и припадниците на југословенските безбедносни служби, тврди долгогодишниот преведувач на Јосип Броз – Тито, Иван Ивањи. Тие направиле реконструкција на настаните, една година по атентатот, подготвувајќи се за посетата на Тито во Источен Берлин.
– Пукаа точно од таа височина од која наводно стрелал и атентаторот. Се возеа со кола со кукла во нив, со истата брзина. Нашите најдобри снајперисти стрелаа и не можеа да погодат. Токму затоа нивниот заклучок беше дека можноста да се погоди со еден куршум е крајно неверојатна, тоа е еден наспрема милион, но ајде, и тоа чудо постои. Три куршуми се невозможни – тој не пукал – објаснува Ивањи, мислејќи на Ли Харви Освалд.
Уште еден поглед врз тогашните настани од перспектива на поранешна Југославија е поврзан со тогашен соработник на ЦИА, кој дал опширен исказ пред Вореновата комисија воспоставена за расветлување на атентатот, тврдејќи оти бил врска помеѓу разузнавачката агенција и Освалд. Станува збор за Џорџ Морешилд кој мисијата поврзана со ЦИА ја почнал во Југославија во 1957 година, кога престојувал на југословенското приморје како експерт за нафта. Подоцна бил протеран од Југославија, откако кај него биле пронајдени скици од воени објекти.
Четири истраги на американските власти не беа доволни да се стави крај на сомнежите и на теориите поврзани со атентатот. Осудениот атентатор Освалд, исто така беше убиен во атентат пред камери. А постои сомнеж дека воопшто има непобитни докази за убиството на Кенеди и во преостанатите 15.000 документи поврзани со случајот, заклучува РТС.