Во извештајот за процена на светските закани, подготвен од шефовите на американските разузнавачки агенции, се предупредува дека мали се изгледите Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и покрај надежите на администрацијата на Доналд Трамп
Американското разузнавање предупредува дека мали се изгледите Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и покрај надежите на администрацијата на Доналд Трамп. Во извештајот за процена на светските закани исто така се наведува дека Иран не произведува нуклеарно оружје, а сѐ поголема е загриженоста за сајбер-заканите од Кина и од Русија. Истовремено, Кина и Русија, според извештајот, се обидуваат да влијаат на претседателските избори во 2020 година, пренесува Би-би-си.
Директорот на националното разузнавање Ден Коутс и другите разузнавачки шефови го претставија извештајот пред Сенатот. Тие сметаат дека е малку веројатно Пјонгјанг да се откаже од резервите со оружје и капацитетите за производство, додека истовремено се обидува да преговара за чекори за делумна денуклеаризација за да добие клучни отстапки од САД и меѓународната заедница.
– Поседувањето нуклеарно оружје се смета за критично за преживување на режимот – се истакнува во разузнавачкиот извештај.
Претседателот Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун се сретнаа лани во јуни во Сингапур, каде што разговараа за денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров.
Трамп тогаш порача дека со средбата е отстранета севернокорејската нуклеарна закана. Двајцата лидери потпишаа договор, со кој ветуваат дека ќе работат на целосна денуклеаризација, но не беа договорени конкретни чекори и оттогаш е направен мал напредок за ова прашање. Северна Кореја инсистира дека нема унилатерално да се откаже од својот нуклеарен арсенал, сѐ додека САД не ја тргнат нуклеарната закана. Белата куќа неодамна соопшти дека двајцата лидери повторно ќе се сретнат во февруари, но сѐ уште не се потврдени датумот, ниту локацијата на средбата.
Од друга страна, со новиот американски извештај се укажува на сѐ поголемата закана од Кина и од Русија, кои имаат најблиски односи досега по средината на 1950-тите години.
– Двете земји имаат софистицирани капацитети за сајбер-шпионажа, кои може да се обидат да ги искористат за да влијаат врз претседателските избори во САД во 2020 година – се наведува во извештајот.
Кога станува збор за Иран, интересно е тоа што американското разузнавање потврдува дека блискоисточната земја во моментов не произведува нуклеарно оружје, иако нејзините регионални амбиции и подобрени воени капацитети „најверојатно ќе бидат закана за интересите на САД во иднина“. Претседателот Трамп во 2018 година ги повлече САД од големиот договор, со кој им беше ставен крај на нуклеарните амбиции на Иран, и воведе построги санкции, во обид да ги спречи акциите на Техеран. Актуелниот шеф на Белата куќа во 2015 година го отфрли иранскиот договор, оценувајќи го како „најужасен, едностран договор што не требаше никогаш да се постигне“. На сослушувањето пред Сенатот, директорката на ЦИА Џина Хеспел изјави дека Техеран технички го почитува нуклеарниот договор од 2015 година, и покрај повлекувањето на САД.
Истовремено, во извештајот се предупредува дека терористичката група Исламска држава сѐ уште не е поразена, спротивно на тврдењата на администрацијата на Трамп.
– ИД ќе се обиде да го искористи гневот на сунитите, општествената нестабилност и зафатените безбедносни сили, за на долг рок да поврати дел од територијата во Ирак и Сирија – предупредуваат шефовите на американското разузнавање.
Одлуката на Трамп за повлекување на американските војници од Сирија шокира многу сојузници дома и во странство. Американскиот претседател тогаш порача дека терористичката група е поразена. Сепак, администрацијата на Трамп оттогаш се согласи за забавување на повлекувањето на војниците.