Нестабилноста во Мали најверојатно ќе се почувствува во Западна Африка и надвор од неа
Автор: Ерик Нагурни
Њујорк тајмс
Војската во Мали вчера ги уапси претседателот и премиерот на државата во државниот удар по неколкунеделните дестабилизирачки протести за спорните избори, владината корупција и насилното исламистичко востание кое траеше осум години. На улиците на главниот град Бамако масовно се славеше и се пукаше со огнено оружје откако претседателот Ибрахим Бубакар Кеита и неговиот премиер Бубу Сисе беа уапсени заедно со други владини претставници. Околу полноќ, претседателот соопшти на државната телевизија дека поднесува оставка.
Немирите можат да влијаат надвор од границите на Мали, државата чија стратешка локација има геополитичко значење за Западна Африка, Сахеловиот Појас, поширокиот арапски свет, ЕУ и за САД.
Француските сили и американските советници го покажуваат интересот на Западот
Франција останува силно вклучена во политиките на Мали кој е нејзина поранешна колонија и покрај тоа што со децении е независна држава. За француските сили кои се борат со исламистите во регионот, Мали е дел од она што некои го нарекуваат „вечната војна“ на Франција во Сахеловиот Појас, кој на север се граничи со пустината Сахара. САД исто така имаат свои советници во Мали, а американските претставници имаат силен интерес за стабилна влада во Мали, чии интереси ќе се совпаднат со оние на Западот.
Внатрешното управување на Мали и безбедносните предизвици поттикнуваат нестабилност во целиот Сахелов Појас. Ова е од особена важност за САД, затоа што нестабилноста во регионот овозможува насилните екстремисти да го тероризираат населението и да ги спроведуваат нивните цели, поради што има милиони раселени лица, како што смета Кајл Марфи, поранешен истакнат аналитичар од Агенцијата за разузнавање во одбраната (ДИА), кој сега е во Центарот за стратегиски и меѓународни студии.
Екстремисти симнати од власта, но не и поразени
По претходниот воен пуч во 2012 година, исламистичките бунтовници, од кои дел се поврзани со Ал каеда, ја искористија шансата со хаосот за да ја приграбат контролата врз големи области од северниот дел на државата, меѓу кои и античкиот град Тимбукту. За време на нивното брутално владеење, жителите на Мали во тие области под џихадистичка контрола беа принудени да почитуваат строги верски начела или во спротивно ќе ризикуваа строга казна. Жените беа принудувани на брак, а историските локалитети беа разурнати.
Бунтовниците ја загубија контролата на нивните територии откако француските сили интервенираа како помош на војската на Мали за да ги протераат. Но вооружени групи сè уште продолжуваат да ги тероризираат граѓаните во руралните области, а насилството се прошири надвор од границите во соседните држави како Буркина Фасо и Нигер. Над 10.000 жители на Западна Африка починаа, а над еден милион ги напуштија своите домови, додека војските од Западна Африка и од Франција претрпеа огромни загуби.
– Ова претставува голема загриженост. Разните џихадистички движења во Африка не се добри за ниту една западна влада – истакна Киедо Нванквор, истражувач и предавач на школата за напредни меѓународни студии на „Џонс Хопкинс“.
Успешната приказна стана горчлива
Во периодот по прогласувањето независност од Франција во 1960 година, беше оценето дека Мали постигна успеси во демократското владеење. Во 1996 година, дописник на „Њујорк тајмс“ за неговото патување во Мали раскажа за големата сиромаштија што ги погаѓа граѓаните, како и дека западноафриканската држава сепак била „една од најдинамичните демократии на континентот“.
Но Мали, кој некогаш важеше за пример во регионот, почна да влегува од една во друга криза по државниот удар во 2012 година, во кој од власта беше соборен претседателот Амаду Туре еден месец пред да се одржат изборите. Факторите кои влијаеја на тој државен удар, делумно како последица на Арапската пролет, ја истакнаа позицијата на Мали во поврзаноста на Северна Африка со остатокот од континентот. Откако од власта беше отстранет полковникот Муамер Гадафи во Либија во 2011 година, стотици тешко вооружени малиски бунтовници кои се бореа за либискиот лидер се вратија дома и ги напаѓаа северните градови, при што настана хаос кој му претходеше на воениот пуч.
Пад на уште еден лидер
Претседателот Кеита кој беше уапсен во вчерашниот пуч дојде на власт со мнозинска победа на изборите во 2013 година. Но без разлика на што и да се надеваше Кеита кога победи со 78 отсто од гласовите, неговата харизма и вистинска популарност почнаа постепено да се губат. Тој вети дека „нема да ја толерира“ корупцијата, но граѓаните на Мали почнаа да го гледаат со недоверба.
Кеита повторно ги доби изборите во 2018 година, кога се кандидираше за втор мандат, но само откако беше принуден да влезе во вториот круг. Во изминатите неколку недели, демонстрантите се жалеа дека властите не направиле доволно за да се справат со корупцијата и крвопролевањето што ја има зафатено земјата. Тие го обвинија претседателот дека ја украл парламентарната победа во март и поставил свои кандидати.
Откако безбедносните сили застрелаа и убија најмалку 11 демонстранти на почетокот од летото, барањата за реформи само се зголемуваа. Тим на регионални посредници пристигна во главниот град Бамако за се обиде да ги олесни немирите, но потоа се вмеша војската.
Превод: Билјана Здравковска