Миграцијата доминира во Европската политика уште од мигрантската криза во 2015 година. Но, пред изборите за Европскиот парламент во мај, студијата на Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР) покажува дека голем број на Европејци многу повеќе се загрижени поради емиграцијата (иселувањето) отколку (имиграцијата) доселувањето.
Шест земји во јужна и во источна Европа се позагрижени поради големата стапка на емиграција отколку што се загрижени за имиграцијата, стои во истражувањето на Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР), објави денес британски „Гардијан“.
Анкетираните лица во Романија, Унгарија, Грција, Полска, Италија и Шпанија рекле дека иселувањето од нивните земји е многу позагрижувачко отколку доселувањето на луѓето во нив. Сите шест земји имаат значително намалување на поулацијата во последните години, а популацијата на Романија е намалена за 10 отсто во последната декада.
Во три од споменатите земји, Шпанија, Италија и Грција, поголемиот дел од анкетираните лица рекле дека би поддржале контрола за иселување од земјата.
Сепак, во јужните и западните земји, анкетираните повеќе се грижат поради доселувањето на лица отколку иселувањето. Според целосната анкета на ЕЦФР, 20 отсто од испитаниците рекле дека иселувањето е причина за загриженост, додека 32 отсто рекле дека доселувањето на лица од странство во нивните земји претставува поголем проблем.
Од мигрантската криза во 2015 година, кога повеќе земји членки на ЕУ примија околку 1,2 милиони апликации за азил, миграцијата се намали за повеќе од 90 отсто, според Советот за човекови права на Обединетите нации.
Важни прашања за Европските избори
Британската „ЈуГов“ спроведе анкета на 50 илјади луѓе од 14 земји за да утврди кои се главните прашања пред Европските парламентари избори во мај. Претставници на овие 14 земји ќе се борат за 80 отсто од фотелјите во новата структура на Европскиот Парламент.
Според пишувањата на „Дојче веле“, миграцијата не е единственото прашање за кое луѓето се загрижени, иако унгарскиот претседател Виктор Орбан и италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини се обидоа да ја стават миграцијата во преден план пред изборите. „ЈуГов“ преку својата анкета дознава дека корупцијата, национализмот, тероризмот и климатските промени се исто така важни прашања за кои се заинтересирани жителите на Европската Унија.