Една жена се самозапалила затоа што се соочувала со можна казна затвор затоа што гледала фудбалски натпревар што не е дозволено за жените во Иран. Таа била уапсена во март откако се обидела да влезе на фудбалскиот стадион во Техеран за да следи натпревар, како што пренесува „Хјуман рајтс воч“.

На Иранките им се забранува да гледаат фудбалски натпревари на стадионите и покрај тоа што ова се коси со одредбите на ФИФА. Настанот се случил на стадионот „Азади“ што на персиски јазик значи „слобода“. Жената била задржана в затвор, а потоа била ослободена со кауција. Но на 2 септември се самозапалила по заминувањето од судот во Техеран.

За локалните медиуми, нејзината сестра изјавила дека таа страдала од биполарно нарушување, но поради притворот, се влошило нејзиното психичко здравје.

Масуд Шоџај, капитенот на иранската фудбалска репрезентација, ѝ оддал почит во објава на Инстаграм, во која навел дека „сите се шокирани од старите ограничувања што им се наметнуваат на жените и дека идните генерации нема да веруваат дека на жените им било забрането да одат на спортски натпревари“.