Повеќето професии поради коронавирусот своите обврски ги преселија во виртуелниот свет на интернет, а домовите на професорите, сметководителите, менаџерите на корпорациите и другите работници станаа главни канцеларии од каде што секојдневно се извршуваат работните обврски
Пандемијата целосно ги префрли традиционалните професии во виртуелниот свет
Работата од дома за време на пандемијата на ковид-19 стана составен дел на повеќето професии. Па, така, голем број компании од различни сфери привремено ја преселија својата утринска рутина во онлајн сферата. Брзото утринско кафе со колегите на утрински состанок се заменети со Зум, Скајп, Тимс или некоја друга онлајн апликација. Па, така, многу од професиите, како професорите во училниците, сметководителите, менаџерите на корпорациите, центрите за грижа на корисници, па дури и туристичките водичи, но и новинарите со своите обврски се преселија во виртуелниот свет на интернет, а домовите станаа главни канцеларии од каде што секојдневно се извршуваат работните обврски.
Сајбер-професори, туроператори, менаџери…
Според едно истражување на институтот „Ипсос“, во САД и во многу други земји пандемијата на коронавирусот ги принуди студентите од сите возрасти да учат од дома. Како што наведува анализата на институтот, голем број граѓани во светот веруваат дека образованието во наредните години целосно ќе се пресели на интернет. Според анкетата на глобално ниво, 23 отсто од анкетираните во 29 земји сметаат дека во рок од пет години, високото образование во нивната земја ќе се спроведува преку интернет во целост или во најголем дел, додека 49 отсто сметаат дека учењето преку интернет и директната настава ќе бидат еднакво важни и во високото образование. Овие податоци, според експертите, говорат дека професорската улога во иднина во целост ќе се пресели во онлајн наставата.
– За често застарените системи на образование и во голема мера информатички слабо „поткованите“ наставници во одделни региони во светот, пандемијата на коронавирусот значеше тешка, во некои случаи дури и невозможна мисија. Речиси прекуноќ, училиштата започнаа со експериментот наречен „е-настава“, кој, во однос на знаењето и ресурсите, откри огромни разлики помеѓу земјите, но и внатре во нив. Многуте наставници се бореа со непознатиот софтвер, застарен или непостоен хардвер и во многу случаи успеаја да ги надминат проблемите и да ги завршат успешно студентските години. Тоа навестува дека оваа професија во наредниот период во целост ќе се пресели на интернет – вели Берфу Сенгелирлер, професорка по биологија во приватно средно училиште во Истанбул.
Креативност и приспособување од ден на ден за работа од дома
Во меѓувреме, имплементацијата на новите напредни технологии ќе доведе до драстични промени на пазарот на трудот и затоа секоја држава треба да се води паметна стратегија за обезбедување квалитетна иднина на своите млади, кои ќе се соочат со огромни проблеми при наоѓањето работа доколку немаат соодветни модерни вештини. Како што наведува британски „Индепендент“, во тој правец одат и прогнозите дека за неколку децении одредени професии целосно ќе се префрлат на онлајн платформата, а меѓу нив се споменуваат и сметководителите, туристичките работници, аптекарите, новинарите и други. Во таа насока медиумот пишува дека овие професии ќе мора да се приспособуваат на новите предизвици на технологијата, а креативноста на индивидуалецот во иднина ќе биде од круцијално значење за успех на компанијата во интернет-просторот.