Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден на само неколку дена од официјалната инаугурација веќе во целост го оформи тимот со кој ќе соработува во наредниот четиригодишен мандат како претседател на САД. Бајден во својата администрација го повика Мигел Кардона, комесарот за образование од Конектикат, да го води американското министерство за образование. Како што пренесуваат американските медиуми, Бајден исто така соопшти дека неговиот поранешен ривал Пит Бутиџиџ ќе биде секретар за транспорт. Џина Мекарти, поранешната раководителка на Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА), е назначена за новоотворената позиција директорка на програмата за домашна политика за климатските промени, додека Џенифер Гранхолм, поранешната гувернерка на Мичиген, беше избрана за секретарка за енергетика, а Деб Халанд, која е од заедницата на домородните Американци и претставничка на првата конгресна област во Ново Мексико, го доби Министерството за внатрешни работи, додека Мајкл Реган ќе раководи со ЕПА. Со трите досегашни избранички во неговата влада, Бајден назначи три жени на кабинетските позиции, една Латиноамериканка, една Афроамериканка, а исто така имаше намера во својата влада како секретари на кабинетот да назначи едно лице од ЛГБТ-заедницата и од домородните Американци.