Илјадници мигранти пристигнаа под мостот што ги поврзува градовите Дел Рио во Тексас и Акуано во Мексико и поставија импровизиран камп на горештините, поставувајќи му на американскиот претседател Џо Бајден нов проблем со границата со кој ќе мора да се соочи.
Температурите се искачуваат до 37 Целзиусови степени, а има многу малку храна и вода, така што стотици мигранти беа принудени да го преминат Рио Гранде и да се вратат во Мексико за да се снабдат со основните намирници.
Мигрантите се претежно од Хаити, но има и такви од Куба, Венецуела и Никарагва.
Тешките услови на границата го одразуваат хуманитарниот предизвик со кој се соочува Бајден, додека бројот на уапсени лица на границата е најголем во последните дваесет години. Американските власти уапсија повеќе од 195.000 мигранти на границата со Мексико во август, покажуваат владините податоци објавени во средата.
Царинската и граничната служба не одговорија на прашањето колку луѓе има во кампот во Дел Рио, а еден службеник во средата за Ројтерс изјави дека таму има околу 6.000 луѓе.
Граничната патрола рече дека го зголемува персоналот во Дел Рио за да обезбеди безбеден и хуман третман. За мигрантите се обезбедени вода за пиење и тоалети, се додава во соопштението.
Американскиот претседател Бајден, демократ кој ја презеде функцијата во јануари, ги отфрли строгите мерки за имиграција воведени од неговиот претходник, републиканецот Доналд Трамп.
Дел Рио се наоѓа во областа Вал Верде, која гласаше за Трамп на изборите во 2020 година. Некои жители на тој пограничен град велат дека федералната влада ги напуштила кога станува збор за граничната безбедност.
Мексиканските власти велат дека во наредните денови може да се очекуваат многу поголем број на мигранти.