Израел соопшти денеска дека уништил тунел на исламистичката група Хамас, што се наоѓал во близина на границата и го затворил главниот граничен премин со Појасот Газа.
– Тунелот беше долг околу еден километар. Го копале неколку месеци, а ние го следевме тоа неколку недели, наведе портпаролот на израелската војска Џонатан Конрикус.
Израелската војска соопшти дека со помош на воените авиони бил уништен тунелот што го изградил Хамас со цел да им помогне на екстремистите да преминат во Израел.
Како што јави МИА, во петокот за време на протестите на Палестинците на израелската граница во Појасот Газа, е убиен еден Палестинец, а повредени се речиси 50 лица.
Над десетина демонстранти упаднаа во терминалот „Керем Шалом“ од страната на Појасот Газа, а Израел го затвори граничниот премин.
Израелската војска соопшти дека преминот ќе биде затворен се додека не се поправи штетата.
– Повторно ќе биде отворен во согласност со процената на ситуацијата. Во меѓувреме, преминот ќе биде отворен само за пренесување на хуманитарна помош, додаде израелската војска.