Само неколку дена по спорниот напад во Сирија, за кој се верува дека е дело на Израелците, американски претставници предупредуваат дека по најновиот инцидент, Израел и Иран се поблиску до отворен конфликт
Само неколку дена по спорниот напад во Сирија, за кој се верува дека е дело на Израелците, во светот сѐ повеќе се зборува за можен конфликт помеѓу Израел и Иран. Американски претставници предупредуваат дека по најновиот инцидент, двете земји се поблиску до отворен конфликт. И додека во светот расте загриженоста за можна нова војна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги демантира таквите информации, пренесуваат светските агенции.
Високиот ирански претставник Аладин Боруџери порача дека Иран ќе „одговори во соодветно време и на соодветна локација“ за наводните израелски напади во Сирија, во кои беа убиени десетина Иранци. Изјавата на Боруџери е првиот директен одговор на нападот врз две бази во северна Сирија во неделата вечер, кој наводно го изведе Израел.
Иранските новински агенции пренесуваат дека во воздушните напади се убиени над 20 провладини борци, меѓу кои и Иранци. По нападот, како што јавува Асошиејтед прес, настанале вистинска конфузија и молк од израелска страна.
– Агресијата на ционистичкиот ентитет против присуството на наши воени советници во Сирија ни дава за право да одговориме во соодветно време и место – изјави Боруџари.
Набргу по ваквата изјава се огласи и израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман, кој посочи дека заканите од Иран „пристигнуваат секоја недела“.
– Ако Иран постапи по заканите, Израел ќе реагира соодветно – порача Либерман.
Тој упати критики до земјите „што не ги гледаат заканите од Иран“, истакнувајќи дека повеќе сакаат да ја скријат главата во песокот и да игнорираат дека Техеран ги угнетува слободата на изразување и малцинствата. Иран, според него, има економска корист, заснована врз лажни претпоставки дека не тежнее да развие нуклеарно оружје.
– Израел не може да ја ингорира иранската закана – предупреди Либерман.
Нападот во неделата само дополнително ја зголеми тензијата помеѓу Израел и Иран, клучниот сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад во граѓанската војна, која трае веќе седум години. За ова веќе се разговара и во Пентагон. Американски претставници веруваат дека Израел сега се подготвува за воена акција и дека ќе побара помош и поддршка од САД, пренесува Ен-би-си њуз.
– На листата потенцијално најверојатни конфликти во светот, сега на самиот врв се наоѓа конфликтот помеѓу Израел и Иран во Сирија – истакнува еден од американските претставници.
Според нив, израелски авиони „ф-15“ ја нападнале Хама, откако Иран испорачал оружје во базата во која е сместена иранската 47. бригада, вклучувајќи и ракети земја-воздух. Тие додаваат дека Израел сѐ повеќе станува свесен за влијанието на Иран во соседна Русија. И додека Русија ја води воздушната војна за режимот на Асад во Сирија, Иран ја води копнената војна. Претставниците на Пентагон наведуваат дека ирански борци се наоѓаат во секоја поголема руска и сириска база во блискоисточната земја.
Ен-би-си њуз потсетува дека високи воени претставници на Израел минатата седмица се сретнале со американски колеги, од кои побарале поддршка за поголема акција против Иран во Сирија.
Сепак, израелскиот премиер Нетанјаху завчера порача дека Израел не тежнее кон војна со Иран.