Изборот на Брет Кавано во Врховниот суд на САД и натаму создава контроверзи, по неколкуте бурни недели кои му претходеа на гласањето во американскиот Сенат на кое беше потврдено неговото именување на функцијата, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Сенатот гласаше 50 наспроти 48 во корист на Кавано, кој се соочи со обвинувања за сексуално злоставување од страна на Кристин Блази Форд и Дебора Рамирез, по што беа организирани демонстрации во Вашингтон против неговото именување.
Форд во сведочењето пред Сенатот истакна оти Кавано ја злоставувал на средношколска забава кога бил тинејџер во раните 80-ти години на минатитот век. Нејзините адвокати соопштија дека таа била приморана да се исели од нејзиниот дом поради постојаните смртни закани што ги добива по сведочењето. Кавано, пак, ги негираше обвинувањата, кои не беа потврдени ниту во извештајот на ФБИ, објавен во врска со случајот.
Демократскиот сенатор Дик Дурбин своевремено го нарече Кавано „Форест Гамп на републиканската политика“, бидејќи судијата бил присутен во клучните моменти во модерната политичка историја.
Кавано учествуваше во составувањето на извештајот со кој се предлагаше импичмент на претседателот на САД Бил Клинтон, поради аферата со Моника Левински кон крајот на 90-те години. Кавано подоцна работеше во кабинетот на претседателот Џорџ В. Буш. Судијата ја имаше поддршката на сегашниот претседател Доналд Трамп во кампањата за неговото именување.
Американскиот претседател вечерва ќе одржи церемонија во Белата куќа во чест на изборот на Кавано, кој се очекува утре да стапи на функцијата во Врховниот суд.