Приврзаниците на претседателскиот кандидат во САД, Џо Бајден, кого американските медиуми го прогласија за победник, слават на улиците, додека приврзаниците на сѐ уште актуелниот Доналд Трамп продолжуваат и по неколку дена да го оспоруваат пребројувањето на гласовите од претседателските избори во Америка. Како што пренесуваат американските медиуми, речиси во сите поголеми градови деновиве се одржуваат протести и контрапротести. Во меѓувреме, правните битки на американскиот претседател Доналд Трамп и отпорот кон прифаќање на изборните резултати ги спречуваат федералните агенции да соработуваат со преодниот тим на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Повеќе од три дена откако големите медиумски мрежи утврдија дека Бајден јасно победи на изборите, малку познатата федерална агенција одговорна за официјално почнување на транзицијата кон новата администрација не му потпишува на тимот на Бајден да добие пристап до федералните агенции, да комуницира со службени лица и да пристапи до пари финансирани од даночни обврзници наменети за непречена транзиција. Забавувањето на темпото на транзиција може да ја попречи новата администрација од самиот почеток, влијаејќи на сè, од одговорот на земјата на пандемијата на коронавирусот до соочување со заканите за националната безбедност кога Бајден ќе биде инаугуриран на 20 јануари.