Сепаратистичкото движење во шпанската провинција Каталонија ја зајакна својата моќ по најнеизвесните регионални избори одржани во неделата. Идната влада на тој регион, кој бара осамостојување од Шпанија, создава главоболки и за Европа
По парламентарните избори во Каталонија не се наѕира крај на кризата што трае со месеци. Имено, сепаратистите повторно освоија апсолутно мнозинство во регионалниот парламент. Трите партии што се залагаат за независност на Каталонија РКЕ – Републиканската левица, Заедно за Каталонија (ЖхКАТ) и Кандидатурата на народното единство (КУП) освоија 74 од 135-те пратенички места во парламентот. Тоа ќе им овозможи да ја имаат власта во регионот и покрај несогласувањата по некои клучни прашања со социјалистите на актуелниот шпански премиер Педро Санчез. Истовремено интересно е и дека унионистичката Социјалистичка партија, која е против отцепување на Каталонија, освои голем дел од гласовите на регионалните избори во богатиот шпански регион. Сепак, според новинските извештаи, резултатот е изненадувачки, затоа што последните анкети покажуваа трка рамо до рамо на сепаратистите и противниците на независност на Каталонија. Наспроти сите предизборни прогнози, алијансата Републиканската левица на Каталонија ќе има 33 места во парламентот, со што нејзиниот претседател Пере Арагонес ќе биде фаворит да стане нов лидер на регионот.
– Сакам да им испратам порака на европските власти, седнете и разговарајте. Резултатите се јасни. Ние, партиите за независност, имаме мнозинство и освоивме повеќе од 50 отсто од гласовите. Каталонскиот народ го кажа своето, време е да се преговара за референдум за самоопределување – кажа Арагонес.
Нови преговори со Мадрид или нов референдум
Во меѓувреме, победата на сепаратистите во Каталонија не значи скоро враќање на драмата во 2017 година, кога Каталонија направи неуспешен обид за отцепување, оценува Би-би-си. Суптилното поместување на моќта помеѓу националистичките сили е важно и РКЕ е во најдобра позиција да формира нова администрација. Партијата сега пристапува постепено кон целта на независност, идентификувајќи ги шкотските националисти на Никола Старџен како пример што треба да се следи. Откако за малку го надмина унилатералната ЖхКАТ од Карлес Пуџдемонт, со кого има лоши односи, РКЕ може слободно да ја спроведува својата стратегија, оценува медиумот. Тоа, според британскиот магазин, вклучува и преговори со Мадрид, нешто за што социјалистите на Санчез веќе се согласија. Иако тешко дека ќе го дозволи копнежниот референдум наскоро, се очекува шпанската влада да направи отстапка за уште една клучна работа со забрзување на ослободувањето на девет затворени лидери за независност преку помилувања.
Брисел загрижен
Инаку, на резултатот на изборите во Каталонија реагира и британски „Гардијан“, кој предупредува дека на Шпанија, а со тоа и на ЕУ, ѝ се заканува политичка криза и соочување на Мадрид со отворено сепаратистичка влада на чело на најбогатиот шпански регион. Лондонскиот дневник истакнува дека и на сецесионистите нема да им биде лесно, а тоа го докажува оцената на политичкиот аналитичар Хозеп Рамонеде дека тие ќе мора допрва да се изборат за легитимност на светската сцена. „Гардијан“ укажува дека резултатот е подвосмислен отколку што тоа го открива позитивната реторика на сепаратистите, и иако тие истакнуваат дека се подготвени на отцепување и покрај силното противење на Мадрид. Во исто време повеќето светски медиуми коментираат дека изборите за локалниот парламент во Каталонија не се обични и дека одзивот бил исклучително голем за време на пандемија, а аналитичарите се согласни дека тоа е одраз на „будењето“ на гласачите што се против независноста, а кои вообичаено се воздржуваат од гласање на регионалните избори и го „чуваат“ својот глас за општите избори.
Инаку, сецеонистичкото движење во овој богат североисточен регион во 2017 година ја почна најголемата политичка криза во Шпанија во последните неколку децении. Каталонија тогаш унилатерално прогласи независност по референдумот, кој судот го прогласи за илегален. Во актуелните преговори, кои се одвиваат меѓу сепаратистите и владата на Санчез, властите од Мадрид неколкупати досега изјавија дека се согласни да го разгледаат каталонското барање за поголема фискална автономија.