Најмалку 12 луѓе загинаа, а петмина се повредени во денешниот самоубиствен бомбашки напад во авганистанскиот град Џалалабад, а одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.
Меѓу жртвите, двајца се припадници на разузнавачката служба, а другите се цивили.
Според локалните власти мета на нападот била разузнавачката служба.
Напаѓачот го активирал експлозивот во близина на бензинска станица, а потоа избил голем пожар.
Речиси во исто време во западната провинција Фарах, талибанците нападнаа контролен пункт, при што загинаа тројца полицајци.
Во областа Бала Булук уште четворица полицајци се повредени при синоќешниот напад. Во судирот убиени се најмалку пет талибански бунтовници, додека седуммина се повредени.