Руско-германскиот гасовод „Северен тек 2“ е опасно геополитичко оружје на Кремљ, рече украинскиот претседател Владимир Зеленски на приемот на германската канцеларка Ангела Меркел во Киев.
Овој речиси завршен балтички подморски гасовод директно ќе ги поврзе Русија и Германија, одземјаќи и на Украина најмалку 1,5 милијарди долари годишно, што сега ги добива за транзит на руски гас преку нејзината територија, истовремено одземајќи и го од рацете дипломатското средство за притисок врз својот руски ривал.
– Во однос на безбедноста, ние овој проект го сметаме за опасно геополитичко оружје на Кремљ. Никој не може да негира дека Украина ќе биде изложена на најголеми ризици поради завршувањето на „Северен тек 2“ – рече Зеленски на заедничката прес-конференција со Ангела Меркел.
Канцеларката која ја напушта функцијата наесен, се обиде уште еднаш да го увери Киев, велејќи дека е постигнат договор со САД.
Меркел потсети дека завчера во Москва побарала од рускиот претседател Владимир Путин да го продолжи „договорот за транзит на руски гас преку Украина, кој истекува во 2024 година“.
– Се согласуваме со Американците дека гасот не треба да се користи како геополитичко оружје и дека на крајот ќе биде во функција на продолжување на договорот. Колку порано тоа се случи, толку подобро – додаде Меркел.
Но, претседателот Зеленски истакна дека слушнал само општи работи за продолжување на договорот за транзит.
Канцеларката нагласи дека ја разбира големата грижа на Зеленски, истакнувајќи дека Берлин има посебна одговорност во тој поглед.
Германско-американскиот договор овозможува воведување „санкции доколку (гасот) се користи како оружје“, рече Меркел.
Таа рече дека овие ветувања ќе бидат обврзувачки за идните германски влади, бидејќи канцеларката се подготвува да замине по 16 години на власт.