Синот на убиениот новинар на „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги вели оти немало разговори за порамнување и сугерира дека финансискиот надоместок на семејството не претставува признавање на вината од страна на саудиските власти.
Синот на убиениот новинар, Салах Кашоги ги опишува кралот Салман и принцот Мохамед бин Салман како „чувари на сите Саудијци“.
Салах на Твитер напиша дека чинот на хуманост доаѓа од нивните морални квалитети, а не поради признавањето на вината за суровото убиство.
На 1 април „Вашингтон пост“ објави дека децата на новинарот од Саудиска Арабија, како отштета за убиството на нивниот татко, добиле голема сума на пари и луксузни куќи во вредност од по четири милиони долари.
Весникот ја наведува и можноста двата сина и двете ќерки на Кашоги да добијат многу пари, се споменуваат десетици милиони долари, за што можеби ќе се преговара по судскиот процес за убиството на саудискиот новинар.
Кашоги, отворен критичар на саудискиот режим, беше ликвидиран од тим на саудиски оперативци во Конзулатот на таа земја во Истанбул, а убиството во октомври 2018 година предизвика бурни реакции во целиот свет и многу политичари и бизнисмени се оддалечија од таа земја.